Шекеринска меѓу 153 глобални лидери – потписници на писмо до претседателот на САД Бајден, за поддршка на новите политики во борбата со климатските промени


На покана на Центарот за американски прогрес (Center for American progress) и Мрежата за глобален прогрес (Global Progress Network ), министерката за одбрана Радмила Шекеринска го стави својот потпис на писмото за поддршка до американскиот претседател Џо Бајден, за нови политики во борбата со климатските промени, соопшти Министерството за одбрана.



– Таа борба е заедничка а победата е важна за иднината на целиот свет. Заедно со бројни креатори на политики, влијателни личности и застапници за подобро утре, апелиравме до претседателот Бајден – време е да се избориме за нашата планета, објави министерката Шекеринска.

Покрај министерката Шекеринска, писмото го потпишаа и основачот и сопственик на Амазон Џеф Безос, европарламентарците Кати Пири, Паскал Канфин, Мохамед Чахин, основачот на Центарот за американски прогрес Џон Подеста, бројни влијателни личности, глобални лидери, универзитетски професори, актуелни и поранешни политичари од целиот свет, новинари, актери и активисти.

Писмото до претседателот на САД Џо Бајден, ви го пренесуваме во целост:

„Господине претседател,

Честитки! Вашата инаугурација претставува пресвртница во историјата на Соединетите Американски Држави и на целиот свет. Задачата која Ви претстои е огромна: потребата од справување со разорните глобални здравствени и економски кризи, и потребата од обединување на Американците е неодложна.
Паралелно со процесот на опоравување од Ковид и обновување на глобалната економија, мора да дејствуваме и на климатските промени. Всушност, ова не се одделни мисии, тие се дел од истата приказна. Ова е најпресудната деценија во историјата на човештвото за соочување со климатската криза.
Може да бидете запаметени како „климатски претседател“ кој го спаси човештвото од работ на провалијата. Можете да ги трансформирате енергетските системи во светот од фосилни горива во чиста енергија, а истовремено да создадете изобилство на работни места, да го намалите штетното загадување и да се заложите за справување со економската, расната и здравствената нееднаквост во процесот.
Одлуката да се биде смел лидер ќе ни овозможи да го реконструираме и изградиме новиот свет кој можеме да го создадеме заедно. Со повторно приклучување кон Парискиот договор на првиот ден, ги приближивте САД во вистинската насока. Но, како што и самиот наведовте, тоа едноставно не е доволно и ние мора „да сториме сè што можеме“.

Како што славно изјавивте: „Кога ќе го слушнам зборот климатски промени, слушам отворање работни места“. Тука се сложуваме. Иако климатската криза наметнува неверојатни предизвици, таа исто така претставува најголема економска можност за иновации, создавање работни места, нови бизниси и инвестиции во нашите заедници. Тоа оди рака под рака со враќање на правдата и градење на правична, инклузивна и праведна иднина за сите.

Вашата посветеност за реконструкција преку отворање на работни места во секторот чиста енергија и преку справување со наследената еколошката неправда е правецот на дејствување кој го очекува науката и нашата иднина. Ние ќе работиме заедно со вас во реализирање на овој амбициозен потфат.
Нашите деца и внуци треба да знаат дека ова беше моментот кога се спаси светот“.