Компанијата за мебел „Ацевски“ во скопско Бардовци, која постои над 25 години, во последните две е во договор со средното училиште „Георги Димитров“ за практична обука на нивни ученици за работа со дрвни материјали. Фирмата со околу 40-ина вработени денеска ја посетија амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и извршниот директор на Стопанската комора на РСМ, Антони Пешев. Во пресрет на уписите во средно образование, целта на посетата беше полуматурантите да се поттикнат да изберат стручно образование и да се профилираат во кадар според пазарните потреби, а „Ацевски“ беше посочен како пример дека покрај големи, се повеќе и мали компании ги отвораат вратите за стручно оспособување на учениците.
Амбасадорката Улман истакна дека за добро стручно образование е потребно партнерство меѓу приватниот сектор, коморите и институциите, и дека Швајцарија и натаму ќе ја продолжи поддршката на стручното образование во земјава.
-Швајцарија ја поддржува оваа реформа на образовниот систем и целта е учениците да стекнат вештини, да видат што навистина сакаат во нивната работа и подоцна полесно да најдат работно место, рече Улман која им порача и на родителите да ги слушаат и да ги поддржат нивните деца во нивниот избор затоа што, рече, стручното образование е најдобра насока за нив.
Министерот Шаќири повика младите да се фокусираат на средното стручно образование како вистински избор што нуди поголема веројатност за добра иднина. Посочи на успехот и резултатите што се постигнати со кампањата на МОН со општините и компаниите за промоција на стручното образование.
Тоа го покажуваат бројките на запишани ученици во дуалното образование кои се во раст низ годините, исто како и бројот на вклучени компании и интересот што го имаат локалните самоуправи за вклучување во стручното образование, изјави Шаќири при посетата на фирмата „Ацевски“.
Порача полуматурантите на претстојните уписи (20 и 21 јуни и 27 и 28 јуни) да изберат средни стручни училишта заради својата подобра иднина, а нивниот успех понатаму ќе биде и придонес кон напредокот на државата.
Речиси 30 000 слободни места во вкупно 937 паралелки се предвидени во Конкурсот на МОН за запишување во прва година средно за 2023/2024, и од нив 279 паралелки се предвидени за гимназиите и 658 паралелки во стручни училишта. Во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на РСМ, истакна дека по 15-ина години работа на Комората да се смени перцепцијата за стручното образование, тоа сега е сосема поинаку опсервирано и од децата, и од нивните семејства.
-Денеска веќе не е стигма да не се биде во гимназија. Имавме хиперпродукција на високообразован кадар без конкретна работна вештина и тоа се покажа погрешно зашто имавме многу невработени. Стопанската комора е долго во приказната за развој на дуалното образование. Гласот на стопанството уште во 2007 година беше јасен – Македонија не произведува доволно работна сила адекватна на потребите на нашето стопанство, пред се затоа што образовните програми не беа прилагодени на новата состојба на потребите на стопанството, изјави Пешев, посочувајќи дека пред 15-ина години тоа бил пионерски потфат.
СКРСМ е фокусирана, рече, да ги слушне и потребите на малите и средните компании кои се и најбројни во нашата економија и во соработка со институциите да се приспособат и програмите во образованието.
-Ова ќе треба да се прошири и на практичната настава на универзитетите затоа што влегуваме во нова фаза во која многу високообразован кадар ќе им биде потребен на нашите компании. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и натаму и дека ќе имаме развој на концептот и со високото образование како финална фаза, додаде Пешев.
Сопственикот на фирмата за мебел „Ацевски“, Аце Ацевски, соопшти дека годишно вклучуваат шест до седум средношколци од „Георги Димитров“ и дека е тоа соодветно на нивниот капацитет. Со училиштето имаат договор од две години.
-Ние сме 45 вработени, не можеме да земеме 20, 30 или цела паралелка. Има и други компании кои може да прифатат други ученици. Доаѓаат еднаш во неделата, моите архитекти им даваат работа. Главно, тие се деца од насоката дизајн. Се надевам дека од следната учебна година ќе се пријават повеќе деца заинтересирани за производство и ќе поминуваат повеќе време овде, во погонот, и да ги обучуваме зашто ќе научат многу повеќе отколку од книга и теорија, изјави Ацевски.