Претседателот Пендаровски учествуваше на дебатата „Одлив на мозоци и состојбата со демократијата во Европа“


Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на онлајн-дебата на тема „Одлив на мозоци и состојбата со демократијата во Европа“, во организација на Европската младинска мрежа за демократија, а во рамки на активностите на Претседателскиот центар за политичко образование и Меѓународниот републикански институт.



– Истакнувајќи дека одливот на мозоци е процес којшто не може целосно да биде запрен, претседателот Пендаровски на дебатата рече дека сепак мора да се работи во насока на намалување на бројот на млади кои се отселуваат од земјата. Економската состојба, политичката клима во државите од регионот, партизацијата на институциите и корупцијата, според претседателот Пендаровски, придонесуваат за одлуката на младите луѓе да заминат од своите земји, соопшти Кабинетот на Пендаровски. 

Шефот на државата посочи на потребата од сеопфатен пристап кон прашањето кое ќе го опфати општеството како целина. Дополнително, претседателот Пендаровски ја истакна важноста на улогата на младите. Тие, според него, треба критички да размислуваат и да ја мониторираат работата на политичарите. Активирајќи се во општеството, младите, додаде  Пендаровски, со свои предлози треба да придонесуваат кон решавање на проблемите со коишто се соочуваат.

– Државата од друга страна, како што потенцираше претседателот Пендаровски, своите политики треба да ги креира во согласност со реалните потреби на младите и првата шанса за професионална реализација да ја добијат во својата земја, наведува Кабинетот на Пендаровски.