Премиерот Димитар Ковачевски пристигна на четвртиот Самит на Совет на Европа, во Рејкјавик, Исланд, на чие отворање беше пречекан од премиерката на Исланд, Катрин Јакобсдотир и генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.
Како дел од делегацијата која што ја предводи премиерот е и Бојан Маричиќ, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања.
Како што информира владината прес-служба, на четвртиот Самит на Совет на Европа кој годинава се одвива во Рејкјавик, лидерите ќе разговараат на теми кои се однесуваат на мирот и почитувањето на човековите права, особено во овие тешки времиња кога во Европа не е нападната само една држава, туку се нападнати демократските принципи и вредности на меѓународниот поредок.
Целта на Самитот е да се обединат земјите членки кон принципите за демократија, обезбедувајќи јасно заедничко разбирање за тоа како ја обезбедуваме и зајакнуваме демократијата во Европа. Токму затоа Агендата на Самитот, покрај официјалното отворање, опфаќа и дискусии на тркалезна маса на различни теми како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото животната средина, вештачката интелигенција и дигиталниот развој, како и работна вечера што ќе биде посветена на Украина.
На крајот на Самитот, Исланд официјално ќе и го предаде на Латвија претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа. Латвија е следната земја-членка што ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа за период од шест месеци.