Претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар денеска положија венци на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, а по завршувањето на церемонијата на положување венци, ги разгледаа иконостасот, иконите и фрескоживописот во црквата „Св. Спас“.
Претходно, претседателот Пендаровски, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести во претседателскиот кабинет, ја пречека словенечката претседателка, а по тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на официјалните делегации беше одржана заедничка прес-конференција.