Пендаровски го посети Модуларниот ковид центар во Кавадарци


Претседателот Стево Пендаровски денеска во Кавадарци го посети Модуларниот ковид центар на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност и оствари средба со Борче Стаменов, иницијатор на хуманитарната акција „Донирај компјутер“.


 

Како што соопшти Кабинетот на претседателот, здравствените работници ангажирани во Модуларниот ковид-центар го информираа претседателот Пендаровски за моменталната состојба во центарот, неговиот капацитет, за тековната работа, за здравствената заштита на граѓаните и за предизвиците со кои се соочуваат во време на пандемија.

-Сите здравствени работници, особено оние во првите борбени линии заслужуваат огромна почит и признание за она што секојденевно го работат. Сите сме свесни дека болниците се соочуваат со недостаток на кадар. Затоа секој од нас треба да даде придонес, со одговорно однесување и доследно почитување на здравствените протоколи, да го релаксираме колку е можно повеќе здравствениот систем, посочи претседателот Пендаровски.

Одговорните лица информираа дека сите здравствени работници, односно 20 доктори и 70 медицински сестри, вложуваат максимални напори со цел на ковид пациентите да им овозможат соодветна и ефикасна здравствена заштита.

Модуларниот ковид центар има капацитет од 35 болнички кревети, а во рамки на болницата функционираат и две ковид-одделенија со вкупен капацитет од 60 болнички места. Во кавадаречката болница досега се хоспитализирани околу 800 ковид пациенти, а во Вакциналниот пункт кој е отворен на 31 март, досега се имунизирани 520 граѓани. Здравствените работници посочија дека процесот на вакцинација се одвива успешно, без несакани последици.

Во рамки на посетата на Кавадарци, претседателот Пендаровски оствари средба и со Борче Стаменов, иницијатор и организатор на хуманитарната акција „Донирај компјутер“.

Претседателот ги поздрави неговите лични заложби, во време на пандемија кога се наметнува потребата од онлајн образование, да им се помогне на социјално загрозените семејства кои немаат финансиска можност да им обезбедат компјутерска опрема на своите деца.

-Секој хуманитарен ангажман ја заслужува нашата поддршка. Со секој личен пример и индивидуална помош ја подигаме јавната свест и придонесуваме за похумано и посолидарно општество, посочи претседателот Пендаровски.

Преку хуманитарна акција „Донирај компјутер“ досега се донирани над 750 компјутери.

Изминатиов период претседателот Пендаровски ги посети вакциналниот пункт во Гостивар и вакциналниот пункт и Модуларната болница за ковид пациенти во Штип.