Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер во вила „Билјана“ во Охрид ги врачи сертификатите на учесниците на третото издание на „Охрид камп за високо-технолошка извонредност“ што се одржа под негово покровителство.
– Целта на проектот е стекнување и размена на високотехнолошките вештини кај млади луѓе од нашата земја и од македонската дијаспора, како и поттикнување на интересот за СТЕМ едукацијата и за кариерен развој во овие области. Темата на годинашниот камп е „Енергија – СУПЕР МОЌНОСТ “, со примарен фокус на одржливо справување со енергетските предизвици во реалниот свет користејќи Lego модели и Fable компоненти за решавање на реалните проблеми, соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Годинава 25 учесници на возраст од 10 до 15 години имаа можност да ги надградат своите вештини за кодирање и роботика и низ тимска работа да ги споделуваат своите идеи и стекнати искуства. Во еднонеделната наставна програма беа вклучени 12 учесници од Република Северна Македонија и 11 од дијаспората, Соединетите Американски Држави, Република Словенија, Република Кипар и Република Хрватска. Приоритет и овој пат се даде на апликанти од социјално ранлива категорија, запазувајќи ја родовата, територијалната, рурално-урбаната застапеност и ентичката припадност.
Освен образовната компонента, кампот, како што се наведува, им овозможи на учесниците да создаваат нови контакти и пријателства, да ги истражуваат локалните природни убавини, нашето културно наследство и традиција.
Во рамки на свеченоста, споделувајќи ги впечатоците и вештините од годинашната обука учесниците имаа можност да ги презентираат реализираните проектни решенија.
Поздравувајќи го придонесот на организаторите и партнерите за успешната реализација на наставната програма, претседателот Пендаровски изрази задоволство за годинашниот зголемен број на учесници. Во таа насока ja нагласи вредноста на кампот кој континуирано им овозможува на младите да ги развиваат своите таленти и потенцијали, да ги реализираат визиите и плановите, но и да комуницираат и стекнуваат пријателства.
Програмата е организирана од Македонија 2025, а во партнерство со Амбасадата на САД во Северна Македонија, Млади Инженери, МАСИТ, Brainster, iSourse, Охридско лето, Алкалоид, Триглав осигурување, Костал, itLabs, Винчини, Бар&Брекфаст, Фруктал и други индивидуални поддржувачи од земјава и од дијаспората.
Пред почетокот на свеченоста на врачување на сертификатите, учесниците имаа можност да ја разгледаат претседателската вила „Билјана“ и подетално да се запознаат со историјатот и нејзината намена, да ги посетат работните простории на претседателот Пендаровски, да се информираат за неговата работа, активности и надлежности.