Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на конференцијата за обнова на Украина, што се одржува во Лондон, во чиј фокус, како што информираат, биле можностите за поддршка на Украина, како и идните чекори за обнова на земјата која се соочува со последиците од руската воена агресија.
На состанокот, Османи, се вели во соопштението од МНР, ја реафирмираше недвосмислената поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, нагласувајќи ја обезбедената помош за земјата.
-Од самиот почеток, Македонија силно ја осуди руската агресија врз Украина, повикувајќи на итно прекинување на воените дејствија и изразувајќи поддршка и солидарност со украинскиот народ. Македонија е четврта меѓу земјите-членки на НАТО во воена помош за Украина по глава на жител, а воедно обезбеди и хуманитарна и медицинска помош, рече Османи.
Воедно, Османи ја нагласи и поддршката на Македонија преку нашето активно учество во Меѓународната кримска платформа, како и неодамнешното приклучување кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.
Во својство на Претседавач со ОБСЕ, Османи истакна дека Украина е меѓу приоритетите на нашето претседавање, нагласувајќи дека на располагање се сите механизми на Организацијата за поддршка на земјата, нејзините институции и луѓето од погодените области.