Османи се сретна со колегите од Шпанија и Португалија во рамки на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот


Министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на учеството на Регионалниот форум на Унијата за Медитеранот, во Барселона, имаше билатерални средби со неговите колеги од Шпанија и Португалија, Хозе Мануел Албарес и Жоао Гомес Кравињо, информираат од Министерството за надворешни работи.

 

 

Како што се наведува во соопштението, на средбите било изразено заемното задоволство од пристапувањето на земјата во Унијата за Медитеранот, нагласувајќи ја важноста на регионалниот дијалог и соработка за градење на силни општества во евро-медитеранскиот регион.

-На средба со неговиот домаќин, заменик премиерот и министер за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралство Шпанија, Хозе Мануел Албарес, Османи се осврна на двата надворешно-политички приоритети на нашата држава во претстојниот период – европското досие во светло на шпанското претседавање со ЕУ во втората половина на 2023 и претседавањето со ОБСЕ, како и партнерството во рамки на НАТО, се наведува во соопштението.

Брифирајќи за шпанското претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 година и состанокот на Европската политичка заедница, кој есента 2023 ќе се одржи во Шпанија, министерот Албарез истакнал дека Шпанија останува гласен поддржувач на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија.

-Во фокус на средбата со министерот за надворешни работи на Португалската Република, Жоао Гомес Кравињо, беше динамизираниот политички дијалог по посетата на португалскиот министер за надворешни работи на Северна Македонија во јули оваа година, како и одличната мултилатерална соработка, со акцент на нашето претседавање со ОБСЕ идната година, велат од МНР.

Двајцата министри го потврдиле сојузништвото во рамки на НАТО, а португалскиот шеф на дипломатијата уште еднаш ја реафирмираше цврстата поддршка на наша забрзана интеграција во ЕУ.