Османи: Процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива


Процесот на проширување на ЕУ нема алтернатива. И кога велам нема алтернатива не мислам само за нас за земјите од Западен Балкан, туку и за нив државите од ЕУ. Без разлика на предизвиците со кои сме соочени, без разлика на актуелната политичка конјуктура, процесот на заокружување и комплетирање на ЕУ е неминовност и затоа тука не се поставува прашањето дали, туку кога.



Ова го порача шефот на дипломатијата Бујар Османи на заедничката прес-сконференција днеска во Подгорица со неговиот домаќин и црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ

– Процесот на проширување на ЕУ или поточно да се изразам на комплетирање на ЕУ нема алтернатива. Ако ги погледнеме границите на ЕУ ќе забележиме дека Западниот Балкан е заокружен со земји членки на ЕУ, споделуваме заедничка традиција, заедничко културно и историско наследство. Денеска ги споделуваме и истите заеднички интереси и предизвици, како и земјите на ЕУ. Истовремено сите имаме заеднички амбиции за иднината на обединета Европа, а тоа е безбедна, стабилна и просперитетна иднина на ЕУ, рече шефот на дипломатијата Османи.

Во контекст на оваа тема, додаде тој, ние Црна Гора ја гледаме како убав пример, вистински претходник во процесот на преговори и приближување кон ЕУ. Порано како предводник на европските интеграции на Северна Македонија, а денес како шеф на дфипломатијата продолжувам со размена на информации и искуства и со амбиција да стекнеме што повеќе од црногорското искуство во процесот на преговорите со ЕУ за да поподготвени го пречекаме почетокот на преговорите, истакна Османи.

– Со оглед на напредокот и подготвеноста сметам дека Северна Македонија требаше да ги почне преговорите за време на германското претседателство минатата година и овој неуспех го сметам во најмала рака заеднички неуспех и на ЕУ иако тоа беше силна порака која предизвика длабоко разочарување, но сепак тоа не не обесхрабри и како што гледате активно продолжуваме да придонесуваме во европската идеја на Балканот и за европската перспектива како на нашата земја така и на целиот регион, рече Османи.

Тој се осврна и на како што рече охрабрувачките пораки од португалското претседателство со ЕУ во однос на почетокот на преговорите со Унијата

– Исто така, овде во Подгорица со нашите сојузници во НАТО ги отвораме темите за нашата соработка и за нашиот иден сојуз, тоа е ЕУ. Имаме охрабрувачки пораки за проширување од страна на високите претставници од Португалија, следи претседателството на Словенија во втората половина од годината која што не само што е земја непосреден сосед во регионот, туку и земја која е гласен поддржувач на процесот на проширување, нагласи Османи.

Тој изрази очекување дека пандемијата ќе го намали својот интензитет со што оваа година ќе можеме и да ги ревитализираме регионалните иницијативи коишто, за жал, според него, поради оваа криза мораа да влезат во втор план.

– Оттука, секако и иницијативата од Берлинскиот процес, заедничкиот регионален пазар, дигиталното поврзување, зелените коридори, зелената агенда ефективното искористување на економскиот инвестициски план за Западен Балкан чијшто финансиско-инвестициски микс достигнува и до 25 милијарди долари за регионот и кој претставува најсилен потенцијал за конвергенција за земјите од регионот, истакна Османи.

Тој нагласи дека Црна Гора била и останува наш добар пријател и сојузник, а пријателството меѓу нашите две земји не е само како спомен од минатото, туку и како аманет за генерациите коишто доаѓаат после нас.

– Верувам дека претстојат подобри времиња, економска обнова, успешен развој на регионалната соработка и вистински успех на европската перспектива на регионот, порача Османи упатувајќи покана за возвратна посета до неговиот црногорски колега Радуловиќ.