Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска престојува во работна посета на Ирска, на покана на својот ирски колега, Михол Мартин, кој ги извршува функциите на заменик претседател на Владата, министер за надворешни работи и министер за одбрана на Ирска.
На средбата со својот соговорник, како што соопшти МНР, Османи се заблагодари за континуираната и гласна поддршка која Ирска и ја дава на нашата земја во напорите за што поскоро зачленување во ЕУ, а која датира од самите почетоци на нашиот евроинтегративен пат, кога, за време на ирското претседателство со ЕУ во 2004 година, ја предадовме нашата апликација за членство во ЕУ.
-Ја поставивме 2030-тата година како наш таргет за полноправно членство во ЕУ, за чие спроведување ги вложуваме сите ресурси во државата и општеството. Сакаме да ја пресликаме успешната европска приказна на Ирска и да го достигнеме просперитетот и нивото на демократија, за што евроинтеграцијата е нашиот најсилен импулс, истакна Османи.
Османи се осврна и на неопходноста од краткорочни видливи и опипливи бенефити на патот кон полноправно членство во ЕУ, што ќе овозможи граѓаните да го почувствуваат зближувањето во економско – социјална смисла, а истовремено ќе внесе поголем кредибилитет во однос на пристапниот процес.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи го запозна соговорникот со актуелностите во однос на нашето претседавање со ОБСЕ, реализираните и идните планирани активности низ призмата на утврдените приоритети, како и актуелните предизвици со кои се соочува ОБСЕ.
За време на посетата, Османи оствари средба и со државниот министер за европски прашања и одбрана Петер Бурк, на која беа разменети мислења околу актуелностите во поглед на нашето ЕУ досие. Османи брифираше за напредокот на Македонија, отпочнатиот скрининг процес и високото ниво на подготвеност на институционалните капацитети за негова успешна реализација, подвлекувајќи ја цврстата определба на Владата за заокружување на уставните измени до крајот на оваа година, како наша преземена обврска, со цел отворање на првиот кластер Темели и за динамизација на пристапниот процес.
Министерот Османи ја реафирмираше позицијата на државата како одговорен и доверлив партнер на ЕУ и НАТО, целосно усогласувајќи се со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со значајна поддршка за Украина.
Според Османи, Македонија е тест за кредибилитеот на ЕУ на Балканот. Во одговор на прашање на ирски пратеници Османи рече дека фактот што Македонија предолго и неправедно чекаше почеток на преговори и неправедните услови кои беа поставени, силно влијаат на моитвацијата на другите земји во регионот да ги реализираат реформите кои од нив ги бара ЕУ.
-Кога во Србија, во Косово или во Босна и Херцеговина, европските функционери одат и бараат тие земји да ги продолжат со тешките реформи, бијдеќи тоа ќе ја зајакне нивната перспектива за ЕУ, обично одговорот е: Па, погледнете го случајот со Македонија. Значи, досието на Македонија исто така влијаеше на динамиката во регионот, истакна Османи.
Она што ќе се случи со Македонија, укажа тој, секако ќе влијае на одлуката на другите да продолжат понатаму во процесот. Тој напомена дека Македонија и Албанија се воведени како двојка во процесот, така што еден од ризиците е ако нема напредок во едната земја да се прелее тоа незадоволство и во другата, информира Министерството за надворешни работи.