Одлуки од 153-та седница на Владата

VLADA
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за давање овластување на министерот за здравство, за потпишување Анекс за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, како и на директорите, односно в.д. директорите на јавните здравствени установи, за потпишување анекси за изменување и дополнување на поединечните колективни договори.

Владата на Република Македонија го овласти министерот за здравство да го потпише Анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, со којшто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за месец март 2023 година.


Министерот за здравство ќе го потпише Анексот со репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, со што се овозможува зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството. Според образложението од Министерството за здравство, покачувањата од 3.000 денари, 2.500 денари или 2.000 денари се однесуваат на сите вработени во јавните здравствени установи.

Владата на Република Македонија ги овласти и директорите, односно в.д. директорите на јавните здравствени установи, да ги потпишат поединечните колективни договори, со коишто се врши зголемување на платите на вработените во јавните установи во здравството, почнувајќи со исплатата за плата за месец март 2023 година.

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информацијата за Анекс на Одлука на Европската комисија, за потпишување „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република  Македонија, за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Македонија“.

Владата го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да го потпише документот, што е предвидено да се случи следната недела во Црна Гора.

Со потпишувањето на овој Анекс, како што е образложено од Министерството за транспорт и врски, Коридорот 8 станува дел од мапата на главните коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.

Ова е овозможено, откако Европската Унија го прифати барањето на  Македонија, Бугарија, Италија и Албанија, Коридорот 8 да влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа, препознавајќи го поврзувањето со Коридорот 8 од значење и за Северна Македонија и за регионот и за Европска Унија.

Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство. А откако Европската комисија во декември 2021 година предложи ревизија, со цел да ги вклучи приоритетите од зелената агенда, стратегијата за одржлива и паметна мобилност и стратегијата за поврзување, донесена е одлуката за продолжувања на индикативните карти на ТЕН-Т на конкретни соседни земји, вклучително и на регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република  Македонија, Србија и Црна Гора).

Индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа, продолжени до Македонија, имаат за цел да обезбедат кохерентност помеѓу Транс-европската транспортна мрежа на ЕУ и транспортната мрежа на  Македонија; да промовираат соодветно планирање и развој на одржливо и ефикасно транспортно поврзување помеѓу ЕУ и  Македонија; олеснување на идентификувањето заеднички инфраструктурни приоритети меѓу ЕУ и  Македонија; олеснување на развојот на постојната транспортна мрежа.

На средбата, на којашто ќе биде потпишан Анексот помеѓу  Македонија и ЕУ, покрај министерот Бочварски, се очекува присуство на сите министри за транспорт во регионот, како и на претставници на Транспортната заедница и на Европската комисија, при што ваков анекс ќе се потпише меѓу сите држави од регионот и Европската комисија.

Владата, на денешната седница, ја разгледа и усвои и Информацијата за подготовка на билатерален скрининг за Поглавје 19, предложена од Секретаријатот за европски прашања: Социјална политика и вработување, од Кластер 3 Конкурентност и инклузивен раст.

Во рамки на билатералниот скрининг за Поглавје 19, што се одржува денеска и утре во Брисел, претставниците на македонските институции ќе ја презентираат домашната законодавна и стратешка рамка во оваа област, институционалните капацитети и идните планови за понатамошно усогласување со европските стандарди во областите на трудово право, безбедност и здравје на работа, политиките за вработување, вклучително и вработувањето на младите, социјална заштита и вклученост, антидискриминација и еднакви можности.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK