Николовски: Во Агро советот нема да се крои политика, туку ќе се изнаоѓаат реални решенија за земјоделството


Секој што мисли дека Агро советот ќе биде место на кое ќе се бара се и сешто и дека ќе има други влијанија, веднаш ќе му се заблагодариме. Овде нема да се крои политика, туку секој со својот ум, концепт и идеи ќе разговара и ќе нуди предлози и решенија, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната конститутивна седница на Советот за земјоделство и рурален развој што се одржа во Владата.


 

Приоритет на Советот, потенцира Николовски, ќе биде домашното производство и обезбедувањето храна.

Министерот најави дека следуваат нови мерки со кои ќе се предвиди поддршка за есенската седиба. Мерките ќе ги креира Агро советот во текот на летото.

Пред членовите на Советот Николовски се осврна на сработеното во изминатите месеци, потсетувајќи дека е донесен Националниот план за поддршка на производството на храна.

Според него, земјава, како и останатите држави во светски рамки, е исправена пред голем предизвик – кризата која се продлабочи со руско-украинскиот конфликт.

-Максимална е мобилноста во светот за обезбедување храна. Ние преземаме навремени чекори за поддршка на земјоделството, во соработка со сите засегнати страни и релевантни чинители. Во тој контекст и Агро советот има обврска, пред се кон државата, да предлага, дискутира и изнаоѓа реални решенија. Убеден сум дека ќе го дадеме својот максимум. Наша задача ќе биде да ги мотивираме земјоделците целото домашно производство да биде предадено, пред се, во домашните преработувачки капацитети, истакна Николовски.

Тој, како што напомена, од Советот очекува широка, конструктивна дебата.

На предлогот на Министерството за земјоделство, Владата донесе Одлука за повторно активирање на Советот за земјоделство и рурален развој кој првпат е основан во 2012 година, но ниту еднаш досега не заживеа во формата за која беше креиран со Законот за земјоделство и рурален развој.

Во Агро советот учестуваат претседателите на постојаните потсекторски групи, претставници на здруженија на производители, преработувачи, стопански комори, претставници на науката, на потрошувачите и претставници од здруженијата на единиците на локалната самоуправа и здруженијата за заштита на животната средина.