Николовски на средба со Мрежа на земјоделски задруги по повод Меѓународниот ден на задругарството


Скопје, 2 јули 2022 

 

 

Првата сабота од јули светот ја одбележува како Меѓународен ден на задругарството. По тој повод, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски оствари средба со претставници на здружението Мрежа на задруги.

На средбата се потенцираше значењето на задругарството како бизнис модел, инспириран од кооперативните вредности на самопомош, самоодговорност, демократија, еднаквост и правичност, солидарност и етичките вредности на чесност, отвореност, социјална одговорност и грижа за другите, со цел изградба на подобар свет.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, го честиташе меѓународниот ден на задругарството и потенцираше дека кај нас интересот на земјоделците за здружување во задруги сеуште е на ниско ниво. Во регистарот на земјоделски задруги во периодот од 2013 до првата половина од 2022 година се запишани 67 земјоделски задруги, со вкупен капацитет од околу 3.300 хектари обработлива површина, 8.460 пчелни семејства, 858 грла говеда, 584 кози и 5.458 овци. Вкупниот број земјоделски стопанства здружени во задруги е 840. Од вкупно запишаните 67 земјоделски задруги, 38 земјоделски задруги се активни, додека другите 29 земјоделски задруги не ги исполнуваат законските услови за добивање на финансиска поддршка.

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, во изминатите години во Програмите за финансиска поддршка на руралниот развој континуирано работи на мерки кои ќе придонесат земјоделците да се здружуваат, мерки кои ќе го поддржат развојот на секоја Земјоделска задруга се до постигнување на стандардите за формирање и функционирање на повисоки форми на здружување, односно во Организации на производители и нивни асоцијации, кои во ЕУ имаат посебен статус.

Активностите за поддршка на здружувањето на земјоделците во земјоделски задруги се содржани во мерката „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење земјоделска дејност“ од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022, во која се предвидени финансиски средства за поддршка за инвестиции за следните намени: помош за основање и функционирање на земјоделски задруги и организирање на информативни и промотивни активности за земјоделски производи.

Од страна на претставниците на Мрежа на задруги беше потенцирано дека тие ја поддржуваат мерката за задруги и побараа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство  да продолжи да ги поттикнува земјоделците да се здружуваат. За таа цел, тие предложија заедно да се организираат панел дискусии, и теренски посети на земјоделските задруги, на кои ќе бидат потенцирани придобивките од моделот на здружено дејствување, како што се помали производствени трошоци и повисока откупна цена преку заедничко настапување на пазарите.

Исто така, беше потенцирано рестриктивното влијание на делувањето и ширењето на земјоделските задруги поради моменталната ситуацијата на постоење на предлог на Закон за задруги и измени и дополнувања на Законот за земјоделство и рурален развој, кој на единствен начин ќе го регулира работењето на задругите како најстандардно решение во сите европски земји, а истиот веќе повеќе од една година стои во собраниска процедура.

Обединувањето, односно здружувањето на земјоделските производители во Организации на производители овозможува концентрација на земјоделското производство, планирање и адаптирање на производството во согласност со побарувачката на пазарот во однос на квалитетот и квантитетот на понудената количина, намалување на трошоците за производство, зголемување на преговарачката моќ на земјоделските производители при склучувањето на договорите со трговците на големо и трговците на мало, како и постигнување на подобра реализација на пазарот

Денеска, задругите ширум светот го прославуваат 100-тиот Меѓународен ден на задругите (#CoopsDay) и 28-от Меѓународен ден на задругите признаен од Обединетите нации во 1995 година. Една деценија од Меѓународната година на задруги во 2012 година, која го покажа уникатниот придонес на задругите да го направат светот подобро место, овогодинешното мото  „Задругите градат подобар свет“ ја повторува темата на Меѓународната година.

Овој ден е востановен од Обединетите нации со цел да се подигне свеста за заедничко здружување и јакнење на партнерството меѓу интернационалните задругарски движења и други организации и да се промовираат идеите на движењето за меѓународна солидарност, економска ефикасност, еднаквост и светски мир.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство