Покрај јавните повици што веќе беа објавени за поддршка на малите семејни винарии, поддршка на малите производители на храна, новата мерка за бизнис план, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска од Неготино, го најави распишувањето и на јавниот повик за поддршка на малите дестилерии.
– Оваа 2023 година, со право велиме дека е година на нови можности во македонското земјоделство. Година во која подготвивме нови седум програми за развој и поддршка на земјоделците, нагласи министерот, при посетата на малата дестилерија „Версус“ на неготинецот Влатко Стојанов.
Тој појасни дека поддршката за малите дестилерии произлегува од програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци.
– Како нова мерка за поддршка, што ја подготвивме и за прв пат започнува со реализација од оваа година, додаде Николовски.
Тој потсети дека висината на финансиската поддршка изнесува до триста илјади денари по корисник, а средствата можат да бидат искористени за набавка на опрема за производство на жестоки алкохолни пијалаци и ангажирање на стручно лице, технолог, за производство на алкохолни пијалаци.
Право на учество на јавниот повик имаат земјоделски стопанства регистрирани во електронскиот регистар во царинската управа како земјоделци – мали производители на жестоки пијалаци, или регистрирани во електронскиот регистар во царинската управа, како мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци, за комерцијални цели, мали дестилерии, согласно правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.
Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Преку оваа нова мерка, уште еднаш во дело докажуваме, дека сме министерство што го слуша гласот на земјоделецот. Токму оваа нова мерка за поддршка на малите дестилерии, доаѓа како барање од земјоделците при нашите теренски средби. Мерка во чие креирање беа вклучени и консултирани земјоделците, малите производители на жестоки алкохолни пијалаци, подвлече министерот.
Николовски рече дека досега има регистрирано 23 мали дестилерии, а се бележат и првите здруженија на мали дестилерии.
– Токму затоа очекувам овој јавен повик да предизвика голем интерес кај малите производители на алкохолни пијалаци и максимална искористеност на поддршката што ја ставаме на располагање, за набавка на опрема за производство. Како што заедно успеавме да ја развиеме и создадеме успешната приказна за малите семејни винарии, очекувам заедно да создадеме нова успешна приказна во развојот на малите дестилерии, додаде министерот.
Тој ги повика сите што ги исполнуваат условите, да ја искористат можноста што им ја дава министерството.