Соработката меѓу Македонија и Европравда ќе се интензивира и продлабочи во наредниот период. Министерот за правда Кренар Лога кој е во работна посета на Хаг, оствари билатерална средба со Претседателот на Европравда, Ладислав Хамран.
Како што соопшти Министерство за правда, Хамран го истакна задоволството од присуството на министерот за правда Кренар Лога на Конференцијата со која се означува почетокот на Проектот за Западен Балкан и неговата заложба за исполнување на обврските, што ќе придонесат за искористување на поддршката која ја нуди Европравда од аспект на упатување на обвинител за врска од Македонија во Хаг што ќе доведе до видливо зголемување на резултатите во справувањето со прекуграничниот криминал, имајќи ги предвид позитивните искуства во регионот како и градење на националните капацитети.
Лога од своја страна истакна дека е запознаен со досегашната соработка со Европравда како и важноста од исполнувањето на обврските кои не се реализирани од аспект на пристапниот процес.
Министерот ги презентираше активностите кои се преземаат во судството, јавното обвинителство, процесот на дигитализација и носењето на одржливи решенија.
На покана на министерот за правда беше договорено претседателот на Европравда Хамран да ја посети државава.