Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ во интервју за МИА вели дека очекува извештаите на ЕУ за скринингот за усогласување на законодавството, да се најдат пред Советот на министри на Европскат Унија летово, додека во фаза на консултации во Европската комисија се извештајот за скринингот на Првиот кластер – Темелни вредности и на Вториот кластер – Внатрешен пазар.
– Ние очекувавме и досега, меѓутоа мислам дека од тактички или стратешки причини заради следењето на динамиката со уставните измени, Европската комисија се уште ги нема доставено извештаите. Инаку, знаеме дека извештајот за скринингот на Првиот кластер – Темелни вредности и на Вториот кластер – Внатрешен пазар се веќе во фаза на консултации внатре во Комисијата и очекуваме летово да се најдат пред Советот на министри на Европската Унија, вели Маричиќ.
Паралелно, додава тој, веќе работиме на драфтирање на нацрт патоказите и очекуваме некаде наесен да бидат усвоени и извештаите за скринингот и да ги доставиме патоказите и со доставувањето на патоказите практично ќе ги исполниме и оние услови за отворање на првиот кластер заедно со уставните измени.
– Затоа велам временски е битно дотогаш да тече работата. Планираме летово и да работиме и да го комплетираме и оној клучен дел на преговарачкиот тим, така што во него ќе има место за сите. И затоа и тоа би го ставил на маса за разговор со опозицијата, бидејќи сакаме тој тим да трае, да опстои и да има поддршка од сите политички партии, нагласи Маричиќ во интервју за МИА.