
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Софија оствари средба со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, на која изрази надеж дека со конституирањето на највисоките државни институции после изборите, како и новиот состав на Владата во Скопје претстои период на политичка стабилност во двете земји за постигнување напредок во билатералните односи и во отворањето на заедничката европска перспектива на двете земји.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски бил придружуван од Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи, Фатмир Бесими, министер за финансии, Горан Милевски, министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, и Адмирим Алити, министер за информатичко општество и администрација.

Премиерот Ковачевски изразил задоволство од резултатите на заедничката седница со Владата на Република Бугарија, со што двете земји започнуваат еден нов процес на соработка со цел да се обезбеди интензивирање и продлабочување на добрососедските односи во многу области.
Ќе се залагаме за дијалог, рекол Ковачевски, со почитување на европските вредности и со почитување на достоинството на македонските граѓани и на граѓаните на Бугарија.