Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Вилнус на вториот ден од Самитот на НАТО учествуваше на третата сесија на Северноатлантскиот совет, што се одржа на ниво на шефови на држави и влади и земјите партнери на НАТО.
Во владината делегација, што ја предводи премиерот Ковачевски се министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
На третата сесија, како што јави специјалниот известувач на МИА од Вилнус учествуваа 31 земјa членки на НАТО и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
-На третата сесија НАТО Сојузниците одлучија да продолжат со недвосмислена и силна поддршка за Украина и правото на самоодбрана и заштита на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. НАТО веќе има донесено одлука во 2008 година дека Украина треба да стане полноправна членка. На овој Самит се формираше Советот НАТО – Украина и се усвои надградениот пакет за долгорочна поддршка за Украина, за поддршка на реформите и трансформација на нивните воени сили согласно НАТО стандардите, информираа од Владата.
Дополнително беше објавена и заедничка декларација на Г7 со Украина.