Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска и утре во Леон, Кралство Шпанија, ќе учествува на конференцијата за одбележување на Меѓународниот ден на парламентаризмот, што се одржува, во рамки на парламентарната димензија на шпанското претседателство со Европската унија во втората половина на 2023 година.
На конференцијата ќе учествуваат претседатели на Парламенти од земјите-членки на Европската унија, земјите кандидати за членство во ЕУ, земјите со посебно партнерство со Европската унија и новите демократии, со цел да го одбележат Меѓународниот ден на парламентаризмот.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, конференцијата ќе биде инаугурирана од Неговото Височество Кралот на Шпанија и со неа ќе претседаваат претседателот на Конгресот на пратеници, Мериксел Батет и претседателот на Сенатот, Андер Гил.
Претседателот на Собранието, Џафери, како што е најавено, ќе се обрати на Главната сесија на тема „Одбрана на европските вредности и демократските институции кои се соочени со нови предизвици и закани за демократијата“. На маргините на конференцијата, најавија од Собранието на Република Северна Македонија, Џафери, ќе оствари билатерални средби со свои колеги.