Министерот Оливер Спасовски, кој денес во рамки на активноста „Отворен кабинет“ беше во Тетово, посочи дека со цел да се подобрат состојбите до крајот на годината во градот ќе се постават и камери за електронско следење на сообраќајот. Министерот вели дека статистички граѓаните се побезбедни кога во прашање е сообраќајот.
– Состојбите се подобрени и тоа многу подобрени. Кога говорев за жртви во сообраќајот, говорев за 6 месеци од 2023 години и немаме во Тетово жртва и посакуваме така да остане до крајот на годината. И секако дека проектот којшто го најавувавме за воведување на камери, електронско следење на сообраќајот кој е во имплементација до крајот на оваа година, јас очекувам дека ќе го имплементираме целосно. Тогаш ќе имаме и поинаков пристап во овој дел, би рекол да немаме селективно, да немаме нетранспарентно туку напротив да се направат сите потребни мерки да се преземат за да таа безбедност на сообраќајот да биде на едно повисоко ниво, истакна Спасовски.
Глобално, според Спасовски податоците статистички покажуваат репресивно и превентивното делување има ефект затоа што на ист број контроли има намален број на прекршоци.
– Ако ги споредиме бројот на жртви во сообраќајките што е најтрагично, сме имале 2013 година приближно 200 жртви на незгоди, додека минатата година ја завршивме со 104. Тенденцијата секое време се намалува. А најважната работа што е. Да разбереме дека безбедноста во сообраќајот, како и целата безбедност сме сите ние. Нема безбедност ако ние не имаме јавна свест во којашто ќе кажеме „Да, ќе ги почитуваме сообраќајните правила и прописи“, рече Спасовски.
Минатата година издадено 186 000 прекршочни налози, за луѓе кои сториле прекршоци за што биле казнети.