Царовска во посета на штипското средно училиште „Коле Нехтенин“


Министерката за образование и наука, Мила Царовска и вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов денеска го посетија регионалниот електро-машински „Коле Нехтенин“-Штип. Во ова средно училиште  во рок од три години се инвестирани 45 милиони денари, од кои еден дел во реконструкција, а дел во набавка на наставни материјали.



Царовска по обиколката на училиштетот, рече дека е задоволна што без проблеми се одвива наставата за учениците, кои ја посетуваат практичната настава во училиштето, согласно сите здравствени протоколи.

– Поразговаравме и со учениците и тие се задоволни по завршувањето на првото тромесечје и сите оние елементи од системот на образование биле испочитувани и навистина може да се види едни мотивирани наставници и задоволни ученици, а исто така и мотивиран директор, кој во континуитет врши инвестиции не само во кабинетите, туку исто така и во другиот дел од инфраструктурата, рече Царовска.

Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов истакна дека во ова училиште се реконструирани покривот, потоа во тек е реконструкцијата на спортската сала, замена на прозорци, парен котел и на подните површини во училниците и холот на училиштето.

-Она што мораме да кажеме е дека годинава за жал се соочуваме со оваа светска пандемија и е еден сериозен предизвик за сите нас и во образованието и на локалната власт. Општина Штип морам да кажам дека ќе продолжи со инвестирање и подобрување на условите во сите училишта во општината, рече Миланов.

Директорот на СОУ „Коле Нехтенин“-Штип, Дејан Павлов истакна дека дел од средствата за реконструкција се од Министерството за образование, но и дел од нивниот буџет.

-Сите овие инвестиции значат подобрување на условите и на наставниците и на учениците. Со тоа привлекуваме и поголем број на ученици, а тоа е докажано веќе во последните две години што енормно се зголеми бројот на ученици запишани во првата година во училиштето. Така што од 170 запишани во прва година кога јас дојдов за директор во училиштето веќе се запишуваат по 240 ученици во прва година, рече Павлов.