Царовска: Новата концепција ќе ја олесни работата на наставниците


Новата концепција за образование ќе ја олесни работата на наставниците, бидејќи со него даваме автономија и можност самите да одлучуваат кои се алатки ќе ги користат при наставата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во гостување на Телевизија Тера.


 

– Сигурна сум дека наставниците од сето ова ќе имаат бенефит, бидејќи нивната основна цел е нивните ученици да постигнуваат добри резултати, рече Царовска.

Таа истакна дека во процес на подготовка за новите наставни програми веќе е помината првата обука, во тек е втората обука на обучувачи директно по програми за прво и за четврто одделение и на крајот на август ќе имаат последна обука за влез во настава, со што дотогаш и се треба да биде подготвено за старт на новата учебна година.

– Со новата концепција се намалуваат и бирократските работи што ги прават наставниците како што е препишување 200 пати на оценката во различни книги за евиденција. Дополнително и планирањето, бидејќи вие како наставник можете да имате перфектно планирање, но при тоа да не ја изведувате наставата како што треба. Наставниците ја разбраа идејата на целата концепција, а тие што беа вклучени многу помогнаа во тоа. Затоа што ја пренесоа својата приказна како наставници, рече Царовска.

Според Царовска, новата концепција за образование ќе ја олесни работата на наставниците, бидејќи се дава автономија и можност тие самите да одлучуваат кои се алатки ќе ги користат при наставата.