Бектеши: Откриени неправилности кај три компании за увоз на мазут, продолжуваме со засилени контроли


Кај три компании се утврдени неправилности во делот на исполнување на стандардите за увоз на мазут и веќе се вратени неколку цистерни од страна на Царинската управа за неисполнување на стандардот согласно Правилникот за квалитет на горивата, но не во делот на сулфурот, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.


 

Во вечерашното гостување на „Топ Тема“ на телевизија Телма, министерот посочи дека утре е крајниот рок во кој надлежните институции треба да достават податоци за информацијата што беше објавена за увоз на сомнителен мазут во земјата. Откако овие информации ќе се разгледаат од страна на Владата, ќе биде инфомирана и јавноста и надлежните органи на прогонот, доколку се утврдат злоупотреби.

Од вчера, како што истакна, заедно со Државниот пазарен инспекторат и државната мобилна лабораторија на Бирото за метрологија, започнати се вонредни контроли за квалитетот на течните горива. Направени се вонредни контроли кај пет компании чии имиња не ги откри. Станува збор за најголемите компании во земјата, кои покриваат 80 проценти од пазарот со нафтени деривати во земјава, а планирани се контроли кај сите десет компании кои работат со трговија на нафтени деривати, а имаат над 300 бензиски пумпи.

– Лабораторијата е во функција и граѓаните ќе знаат за квалитетот на течните горива од бензинските пумпи од каде што купуваат. Како Влада сме обврзани да им овозможиме на институциите да работат согласно нивните потреби, а тоа е независната мобилна лабораторија, која нема да биде селективна, кажа Бектеши.

Напомена дека во изминатите години најголемите реформи се направени во делот на енергетиката, и во Законот за енергетика и во Законот за енергетска ефикасност.

– Ние ја исполнивме нашата задача за усогласување на нашето законодавство што е нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата, рече Бектеши.