Министерот за економија Крешник Бектеши очекува дополнително намалување на инфлацијата за јули. Во тек е дизајнирање на нови мерки кои, како што изјави, доколку има потреба ќе се активираат од септември или почетокот на октомври.
– Во понеделник најверојатно ќе излезат новите бројки за инфлацијата. Согласно прелиминарните податоци што како Министерство за економија ги поседуваме ќе има дополнително намалување на инфлацијата за јули. Како Министерство за економија заедно со другите институции и со стопанските комори и Организацијата за потрошувачи работиме на нови мерки кои, ако има потреба, ќе се стават во функција од септември или пак од почетокот на октомври, изјави Бектеши по денешната прес-конференција.
Во однос на гужвите што се прават на патот Скопје-Блаце поради реконструкцијата на тунелот, министерот упати на одговори во Јавното претпријатие за државни патишта, а од информациите со кои располага, рече дека се очекува реконструкцијата да заврши до октомври.
– Согласно сите процедури најверојатно реконструкцијата на тој тунел, кој не е реконструиран повеќе од 50 години, треба да заврши во октомври. За сите други детали обратите се до Агенцијата за патишта затоа што такви информации немам, рече Бектеши.