Бектеши: Не може да биде ист товарот и за домаќинства со минимални примања и за некои што имаат милионски суми приход


Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, коментирајќи го воведувањето на блок тарифите за електрична енергија, уште еднаш повтори дека солидарност мора да постои, како и дека во време на криза, како оваа, треба да им се помогне, посебно на најранливите домаќинства.

 

 

-Не може да биде ист товарот на некое домаќинство кое зема минимална плата и на некои што имаат милионски суми. Домаќинствата кои имаат доволно приходи и можност да ги плаќаат сметките, не треба да бидат субвенционирани. Не може да бидат субвенционирани домаќинства со приходи од 10 000 евра, 5 000 евра, 3 000 евра па и 2 000 евра месечно, а некои со приходи не повеќе од 600 евра да не бидат субвенционирани. Ова е ставот на Владата и на Министерството за економија. Ни претстои тешка зима, но на дневна база ние секогаш ќе излеземе во пресрет, подвлече Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по врачувањето на договорите за „Субвенционирање плати“ во Тетово.

Тој повторно укажа и на злоупотребите направени, како што рече, од страна на некои бизнисмени и фирми.

– Јавно кажав и дадов примери на бизнисмени и компании кои го злоупотребиле Законот за енергетика зашто е наведено дека тие компании, микро и мали, со под 50 вработени и приходи под два милиона евра може да бидат на регулиран пазар. Што направиле некои компании во првите шест месеци? Отвориле други фирми кои немале никакви приходи, немале вработени, вработиле еден или двајца за да преминат од слободен на регулиран пазар и обврската за плаќање струја да и ја префрлат на новата фирма како подружница што ја формирале, а тоа прави штета на цената и на грбот на граѓаните кои се на регулираниот пазар. Тоа за нас е недозволиво, треба да бидеме солидарни и во вакви времиња да ги штитиме домаќинствата, посебно тие со ниски приходи. Обврска на секоја држава е да премине кон либерализација на пазарот на електрична енергија, но мора да бидеме солидарни, да ги заштитиме најранливите категории граѓани во вакви кризи. Целта на Владата, посебно во овие кризни времиња, е да им излезе во пресрет на најранливите категории домаќинства и наместо директно да бидат субвенционирани и преку блок тарифите може да им се излезе во пресрет, рече Бектеши.

Тој посочи и ситуации во некои општини во однос на јавното осветлување.

-Направете истражување како се плаќа јавното осветлување каде што градоначалници се од опозицијата? Дали некој граѓанин во државата не плаќа 184 денари за јавно осветлување? Не верувам дека има такви домаќинства, а јавното осветлување се префрла на други јавни претпријатија формирани од страна на општината за да преминат на регулиран пазар и да им останат средства од тоа што го плаќаат граѓаните за други проекти, рече Бектеши.

На прашањето за поддршка на бизнис секторот, министерот е дециден дека државна помош во континуитет има и за компаниите.

-Сите мерки кои и претходно беа реализирани, се донесени по нивна препорака и во целосна соработка со компаниите, а и ниедна мерка не е стопирана, сите продолжуваат, нагласи Бектеши.