Бектеши: Консултации и дополнителни антикризни мерки по усвојување на ребалансот на Буџетот


Во моментот кога ќе се усвои ребалансот на Буџетот, кога ќе имаме можност да креираме мерки и да ги редизјанираме постоечките, ќе ги викнеме сите стопански комори, сите засегнати страни и синдикатите и ќе излеземе со дополнителни мерки, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

 

 

Бектеши информира дека секојдневно добива писма од различни здруженија и од стопанските комори, напоменувајќи дека Министерството е подготвено за состаноци и за разговор во детали.

-Во однос на антикризните мерки, чекаме да биде усвоен ребалансот на Буџетот. Институциите се подготвени да се соочат со кризата. Секој ден добивам писма од стопанските комори и од различни здруженија. Сите што се заинтересирани да дадат придонес, тоа може да го направат јавно, а секако дека ние сме секогаш подготвени  за состаноци и за разговари во детали, изјави министерот, одговорајќи на новинарски прашања по врачувањето на договорите за „Субвенционирање плати“ во Тетово.

Вчера, дополни, имаше и изјава од страна на претседател на опозициска партија.

-Тој кажа дека сакале да се вклучат и да придонесат во делот на справување со кризата со што индиректно признава дека намерно претходните мерки биле блокирани. Тие имаа можност да бидат вклучени и тогаш, а сега за политички интерес даваат таков предлог. Не, институциите се подготвени да се соочуваат со секаква криза, за храна, за струја или за топлинска енергија, нагласи Бектеши.