Владата на редовна седница ќе расправа по Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети


Предлог-одлуката за утврдување на стратешките приоритети на Владата на Република Северна Македонија во 2023 година, е на дневниот ред на денешната редовна 48-ма владина седница, на која ќе се разгледуваат и повеќе точки од програмата за работа и од интерес на граѓаните.

 

 

На денешната седница, ќе биде разгледан и Предлог- законот за ратификација на Договорот за партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово за управување со грант Договорот за техничка помош, под програмата ИПА Северна Македонија – Косово.

Како што соопштија од владината прес-служба, пред министрите ќе се најде и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за просветната инспекција, како и Предлог-програмата за изменување на Програмата за изградба и реконструкција на основни училишта за 2022 година, што доаѓаат од Министерство за образование и наука.

Владата денеска ќе се произнесе и по информацијата во врска со Предлог-Националната стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година, со Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2022-2026 година.