(ВИДЕО) Николоски: Сонот ми е патувањето Скопје – Солун со воз да е еден и пол час


На денешното гостување на Радио Лидер, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски објасни кој е неговиот сон за Македонија и како ја гледа пошироката слика за Македонија.


 

Денешен гостин во емисијата „Утро со Златев” е потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. По прашање од новинарот Златев, Николоски рече дека не влегол во политиката за да биде дневно популарен политичар и дека сака да остави нешто позади себе.

– Додека Зоран Заев се занимава со творски игри, јас размислувам како ВМРО-ДПМНЕ да понуди коцепт на ревизија на историските неправди, започна Николоски.

Тој кажа како ја гледа политиката и кој е неговиот сон на долгорочен план за Македонија.

– Јас размислувам како ние да направиме како еден човек да седне во центар во Скопје во железничка станица во воз и за час и половина да биде во Солун, потенцираше Николоски.

Тој подетално го објасни неговиот сон.

– Мојот сон е како за час и половина во едно пријатно возење во воз којшто ќе се движи со 200 километри на час да се стигне од Скопје до Солун. Да можат солунчаните да дојдат во Скопје да испијат кафе и да направат бизнис, да можат скопјаните да отидат во Солун да испијат кафе и да направат бизнис, попатно да се застане во Велес, Гевгелија, и надолу во Ениџевардарско и во Солун. Размислувам како да се направи еден добар автопат кон Охрид и кон Струга за секогаш кога има убаво време за викенд да се отиде на Охридското езеро, а да можат Охриѓаните и Стружаните полесно да дојдат во Скопје да завршат некоја работа, рече Николоски.

Тој рече дека размислува исто така како да ја развиеме источна Македонија и да го направи подобар животот на луѓето кои живеат таму.

– Реализација на мојот сон ќе значи силно економско раздвижување на Македонија, рече Николоски и потенцираше дека тоа би отворило нови работни места и ќе има повисоки плати за сите.