Учениците на продолжен распуст, УНИЦЕФ повика затворањето на училиштата да биде привремена мерка


– Околу 255 илјади ученици наместо утре, во училишните клупи ќе се вратат на 1 февруари поради влошената епидемиoлошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа во пик на КОВИД-заразата. Одлуката за одложен почеток на второто полугодие завчера ја донесе Владата по препорака на Главниот координативен кризен штаб, а на седница вчера таа го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022.


 

Во сите училишта (основни и средни) се утврдени 172 наставни денови, освен за средношколците во завршна година за кои се утврдени 158.

-Со одлуката се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година, соопшти Владата по седницата.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера изјави дека за приспособувањето на наставните планови, согласно владината одлука, МОН е веќе во координација со Бирото за образование и наука.

 

Тој апелираше до родителите, наставниците и учениците и за време на продолжениот распуст максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од КОВИД-19, во домашни услови и на отворено.

-Со цел да го зачуваме јавното здравје и здравјето на нашите најблиски, повикувам на свесност и одговорност за да го спречиме ширењето на заразата, рече Шаќири на првата прес-конференција на новата министерска функција.

По препорака на Комисијата за заразни болести и со одлука на Владата, учебната 2021/2022 на 1 септември почна со отворени училишта и настава со физичко присуство за сите ученици организирана според утврдени антиковид-протоколи. Исклучок се учениците ослободени со медицински потврди.

Летото беа испланирани три сценарија за реализација на учебната година – настава со физичко присуство како прво и најпосакувано, настава на далечина и комбинирана настава со ротирање на групи од иста паралелка.

Во повеќе наврати претходната министерка Мила Царовска информираше дека состојбата во училиштата е стабилна и дека настава со физичко присуство ќе се применува сѐ додека се во ред бројките на заразени и додека нема интерно ширење на болеста во училиштата.

Според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, до крајот на првото полугодие (30 декември 2021) процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.

Во својата последна изјава во својство на министер за образование и наука минатата среда Царовска укажа дека МОН е во координација со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и ќе се одлучи за начините и формите на функционирање на образовниот систем, дека тие ја преоценуваат состојбата и на располагање стојат другите сценарија.

Притоа нагласи дека во најдобар интерес на децата, нивното ментално здравје и потребата од социјализација, е тие да следат настава со физичко присуство затоа што, рече,  училиштата треба последни да се затворат  и први да се отворат, а тоа е препорака не само на наши образовни експерти, туку и на меѓународни организации како Светска банка и УНИЦЕФ.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ДиЏовани, вчера во пишана изјава до медиумите нагласи дека одложувањето на наставата треба да биде привремено зашто во најдобар интерес на децата е да бидат во училниците. Повторното отворање на училиштата треба да биде приоритет за целата држава, нагласи таа, посочувајќи дека децата се соочуваат со поголеми ризици кога се надвор од училиште отколку во училиште.

-Додека земјата минува низ уште еден бран на инфекции со КОВИД-19, сè почесто предизвикан од сојот омикрон, најдобриот интерес на детето мора да има централно место при секое одлучување дали училиштата да останат отворени. Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците, нагласи ДиЏовани.

Пртетставничката на УНИЦЕФ смета дека превентивните мерки во училиштата се ефикасни и дека физичкото присуство на настава во училиште се чини не е главниот двигател на ширење на инфекцијата.

-За последниот месец од наставата во 2021 година податоците покажуваат многу ниска стапка на заразување со само 0,01 процент нови случаи дневно кај учениците и 0,03 проценти кај наставниците. За споредба, во двете недели кога училиштата беа затворени за зимски распуст, бројот на новозаразени случаи кај сите возрасни групи се зголеми за четири пати, од приближно 2600 на 11 000 потврдени позитивни случаи. Овие сознанија треба да ги искористиме за да направиме сè што можеме да ги одржиме училиштата отворени и децата безбедно да следат настава во училниците, наведе ДиЏовани.

Прашувајќи што кажува за нашите приоритети ако училиштата се затворени, а другите јавни места остануваат отворени, таа предупреди дека уште еден бран на затворање училишта би бил катастрофален за децата зашто, како што посочи, и пред пандемијата на КОВИД-19 Северна Македонија веќе се соочуваше со криза во учењето и повеќе од половина од сите петнаесетгодишници во земјата не успеваа да ги достигнат основните нивоа на вештини за читање и математика.

-Северна Македонија веќе имаше најдолготрајно затворање на училишта во регионот, кога училиштата во земјата беа затворени вкупно 54 недели, во споредба со просекот од 24 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Повеќе од 60 отсто од наставниците изјавија дека бројот на ученици што имаат тешкотии во совладувањето на наставните програми се зголемил во овој период. Долготрајното затворање на училиштата на ниво на целата држава, ограничените ресурси за учениците, наставниците и родителите и немањето пристап до далечинско учење го уназадија деценискиот напредок во образованието и го направија детството непрепознатливо, истакна претставничката на УНИЦЕФ.