Тасевска: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување попис согласно меѓународни стандарди и пракси


–  Пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска ги повика сите пратеници да покажат одговорност и сериозност и да го поддржат Законот за попис на населението за оваа пролет, како што изјави, конечно, по скоро 19 години, да ја спроведеме оваа значајна статистичка операција. Со законот, посочи, се отвора простор оваа пролет да спроведеме попис согласно меѓународните стандарди, согласно прописите на Евростат.  ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, порача, нема да спречат одржување попис согласно меѓународните стандарди и пракси


 

-Овој закон се заснова на транспарентност на процедурите и постапките на реализација на пописот, неутралност и објективност во сите фази на пописот, стручна независност на надлежните органи, користење научни основи во методолошкиот пристап и подготовката на резултатите, како и доверливост и заштита на индивидуалните податоци од пописот. СДСМ има договор со граѓаните да спроведеме попис кој ќе обезбеди точни и релевантни податоци, нагласи Тасевска во изјава во Собранието.

Таа потсети дека државата веќе 19 години е без попис, а последниот попис во 2011 година не успеа, како што рече, токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Тасевска, опозицијата повторно ја политизира оваа важна статистичка операција.

-Целосно нејасно е зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се противат на Законот, освен ако целта не им е намерно да го проблематизираат одржувањето на пописот  со цел државата и натаму да нема податоци кои се важни за креирање на среднорочни и долгорочни политики и стратегии. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да спречат одржување на попис согласно меѓународните стандарди и пракси, подвлече Тасевска.