Судскиот совет гради механизми за спречување на корупцијата во судството, формирана е посебна антикорупциска комисија


Меѓународниот ден за борба против корупцијата е уште еден повод Судскиот совет да ги повика граѓаните кои имаат сознанија и информации за случаи на корупција во судството да ги пријават. За да може да се остварат стремежите за некорумпирано судство кои произлегуваат од реформите неопходна е соработка на институциите со граѓаните. Судскиот совет изразува подготвеност да им излезе во пресрет на сите кои се соочиле со случај на корупција во судовите и затоа ги охрабрува граѓаните наместо да станат дел од коруптивно однесување да ги пријавуваат оние за кои имаат сознанија дека личните финансиски интереси ги ставаат пред законите и правдата.


 

Пред неколку месеци Судскиот совет формираше посебна комисија за борба против корупцијата со обврска да ги анализира пријавите за корупција во судството за да утврди дали информациите и податоците на пријавувачите се веродостојни.

Судскиот совет преку спроведувањето реформи во судството настојува да изгради механизми за спречување на корупцијата и заштита на човековите права. Во тек е процес на целосна дигитализација на судскиот систем со што ќе се олесни комуникацијата на граѓаните со институциите, но дигитализацијата ќе овозможи и полесен увид во работата на судиите со што тие ќе бидат потранспарентни, а тоа ќе значи нивно независно и објективно одлучување и помала склоност кон корупција.

Судскиот совет усвои Методологија за квалитативно оценување на судиите, како и Методологија за сложеност на судски предмети. Со нивната примена ќе може да се прави пошироко, подиректно и поверодостојно оценување на работата на судиите што ќе придонесе за нивно поодговорно постапување, како и носење пресуди исклучиво врз докази. Континуираниот мониторинг ќе ги намали ризиците од корупција.

Практично, крајната цел на системот кој сака да го воспостави Судскиот совет, преку дигитализацијата, преку надградбата на АКМИС-от, преку новите методологии за оценување и за утврдување сложеност на предмети, е да имаме ажурно судство со испорачување на брза и ефикасна правда. Тоа ќе ја врати довербата на граѓаните во судскиот систем и ќе придонесе кон искоренување на корупцијата.

Со последните измени во Законот за судски совет преку кои се отвори можност секој да покрене иницијатива за утврдување одговорност за несовесно и нестручно постапување на судија, целосно се сменија бројките со поднесени барања. Ако во изминатите години Судскиот совет имаше само по неколку барања годишно, годинава има 50-тина иницијативи за испитување одговорност кај судии. И ова е дел од инструментите кои Судскиот совет ги користи во борбата против корупција. Свесни дека корупцијата е општествена појава која тешко се сузбива ние нема да се откажеме од континуираната борба со намера да создадеме чесни судии кои ќе им служат на граѓаните и на кои правдата секогаш ќе им биде пред корупцијата.