Средба на претседателот Пендаровски со претставници на Охридската група и високи претставници на НАТО


Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Охрид се сретна со дел од учесниците на конференцијата „Охридски дијалог“.


 

На средбата со Џорџ Робертсон, претседавач со Охридската група и поранешен Генерален секретар на НАТО, претседателот Пендаровски му се заблагодарил за досегашната поддршка што тој лично, но и Охридската група како целина безрезервно ја даваат за Македонија.

На маргините на „Охридскиот дијалог“ претседателот Пендаровски се сретнал и со челните луѓе на Атлантскиот совет и високи претставници на НАТО, односно Александер Вершбоу, Дејмон Вилсон, Марк Лејти, Џорџ Базби и Алесандро Минуто – Ризо.

Претседателот Пендаровски, соопшти неговиот кабинет, искажал задоволство од брзата ратификација на пристапниот протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Тој посочил дека протоколот за членство на земјата во НАТО во своите парламенти преостанува да го ратификуваат уште три земји, односно Франција, Холандија и Шпанија.

На средбата претседателот Пендаровски го реафирмирал ставот дека единствена алтернатива за Македонија е членство во НАТО и во Европската Унија.

– Патот до Алијансата веќе е на самиот финиш. Станувајќи 30-та членка на НАТО ќе биде загарантирана безбедноста и сигурноста на Македонија, истакнал претседателот Пендаровски и додал дека „единствена алтернатива за земјата е полноправно членство во НАТО и во Европската Унија“.

Во таа насока, подвлекол претседателот Пендаровски, и покрај скорешното разочарување од не добивањето датум, Македонија пред се, поради своите граѓаните, неопходно е со побрзо темпо да ги заврши започнатите реформи. На тој начин, заклучи претседателот Пендаровски, ќе создадеме општество со европски вредности.