Специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин денеска во македонското Собрание ќе оствари средби со пратеници од повеќе политички партии.
Според најавите, Сарацин ќе се сретне со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Алијанса за Албанците, а ќе оствари и посебна средба со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, претседателот на Комисијата за надворешна политика Антонијо Милошоски и со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски. Предвидени се и средби со лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши и со лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
Сарацин вчера оствари средба и со претседателот на државата Стево Пендаровски на која, како што информираа од Кабинетот на претседателот, станало збор за процесот на европските интеграции на земјава, состојбите во регионот на Западен Балкан и пошироко, како и за актуелните политички случувања во земјава.
Оствари средба и со вицепремиерот Артан Груби на која е разговарано за потребата од усвојување на уставните измени за да се продолжи евроинтегративниот пат, иницијативата на Европскиот фронт на владината коалиција, скрининг процесот, предизвиците и посветеноста за спроведувањето на реформите, борбата против криминалот и корупцијата. Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот, ја искажале потребата од конструктивност за успех на овој процес од страна на сите протагонисти за креирање политики.