Спасовски: Следните четири години ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ


Спасовски: Следните четири години ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ - МИА

Скопје, 9 јули 2020 () – Влеговме во НАТО и сме на почеток на отворањето на преговорите за членство во ЕУ, со што ги остваривме двете стратешки државни цели, заштитувајќи го притоа целосно идентитетот – нешто што режимот на ВМРО – ДПМНЕ цела деценија намерно го блокираше, за во изолирана држава да краде и да се богати, рече денеска потпретседател на СДСМ и носител во ИЕ 2, Оливер Спасовски.



Спасовски на прес-конференција истакна дека земјава е на прав пат и не смее да дозволи враќање на режимот.

-Денес сме 30-та земја членка на НАТО. Во Програмата велиме можеме и во ЕУ бидејќи и Преговарачка рамка е утврдена, а од највисоките политички нивоа во Унијата, лично од германската канцеларка Ангела Меркел, слушнавме најава за отворање на првите поглавја меѓу нашата земја и ЕУ. Во Преговарачката рамка, македонскиот јазик е наведен како јазик на што треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ. Македонскиот јазик е наведен и во личната карта на државата во Обединетите нации. Република Северна Македонија, македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската посебност, денес се признаени од целиот свет, рече Спасовски.

Според него, разобличени се лагите на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ за наводно губење на идентитетот и на јазикот.

-Изгубени се само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во пустите надежи за обнова на режимот. СДСМ е сигурност. ВМРО-ДПМНЕ е опасност. Со Зоран Заев и СДСМ одиме напред. Со Мицкоски, продолжена рака на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, се враќаме назад. Најавуваме дека во следните четири години ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ, а за пет – шест години ќе го затвориме преговарачкиот процес. Од европските фондови со тоа обезбедуваме 2,5 милијарди евра за државата за европски стандарди – дома. Евроатланскиот пат овозможува и нови странски инвестиции од една милијарда евра на што се обврзуваме. Ќе ги поддржиме и домашните и странските претпријатија во земјава со 600 милиони евра, во новата развојна економија, за повисоки плати, пензии, работни места, за уште повеќе пари назад кон граѓаните. На овие избори се носи голема одлука за продолжување по правиот пат, потенцира Спасовски.

Гласањето, дополни, е целосно безбедно.

-Сите протоколи за безбедно гласање се утврдени. Да постапиме одговорно, да излеземе на изборите на 15 јули и да овозможиме победа на сигурноста наспроти опасноста. Да избереме функционални институции кои уште повеќе и уште подобро ќе бидат во можност да продолжат да се грижат за граѓаните и државата, порача потпретседател на СДСМ и носител во ИЕ 2, Оливер Спасовски.

[🔴Во живо] Прес-конференција на носителот на ИЕ2 Оливер Спасовски

Posted by Oliver Spasovski on Четврток, 09 јули 2020