Скопје и Софија остануваат посветени на конструктивен дијалог до изнаоѓање прифатливо решение засновано на европски вредности


– Премиерите на Македонија и на Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков по вчерашната средба во Рим најавија подготвеност за продолжување на дијалогот за постигнување договор прифатлив за двете страни заснован на европски вредности и со почитување на достоинството на граѓаните, со што Софија би го повлекла ветото за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ и би го деблокирала нашиот европски пат.


 

Премиерот Димитар Ковачевски по средбата изјави дека во овој момент не може да каже дали има напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија, но потенцира дека разговорите продолжуваат меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи и штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри.

Ковачевски нагласи дека е договорено разговорите да продолжат со цел министерствата за надворешни работи да се обидат да дојдат до документ што би бил прифатлив за двете држави и би претставувал основа за решение кое ќе може да биде споделено со институциите во двете држави, потенцирајќи дека кога ќе има таков документ тој ќе биде презентиран јавно.

– Воопшто не разговаравме и за тоа дали има нови услови од Бугарија. Се работи на оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, кој што уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок, рече Ковачевски.

Во однос на очекувањата за претстојниот Самит на ЕУ во јуни, Ковачевски истакна дека не сака да се врзува со датуми, бидејќи како што нагласи, нашата држава предолго време беше заложник на датуми, нагласувајќи дека стартот на преговорите не зависи исклучиво од нас, туку од одлука на 27-те земји членки на Унијата.

– Без разлика на исходот во јуни, Владата и државата имаат многу јасен план на што ќе се работи во идниот период, а нормално без разлика на исходот ние сме со Бугарија соседна држава, имаме отворени прашања кои ќе треба да бидат адресирани и штом ќе се дојде до решение кое ќе е прифатливо тогаш ќе го соопштиме, додаде Ковачевски.

 

Петков од своја страна, по средбата изјави дека е најважно за владите на двете земји да продолжат со конструктивниот дијалог и да не подлегнуваат на провокации од некои групи кои се обидуваат да ги зголемат тензиите.

– Не се обврзавме на никакви рокови, единственото нешто на што се обврзавме е да го задржиме добриот тон, а министерствата за надворешни работи да продолжат да работат. Ветивме дека ќе го задржиме конструктивниот тон. Очекуваме во наредните недели и месеци различни групи кои не сакаат добрососедство меѓу Бугарија и Република Македонија да се обидат да предизвикаат провокации, изјави Петков, додавајќи дека со премиерот Ковачевски потврдиле дека посветеноста на добрососедство е важна и заедничка.

Тој во изјава за бугарските медиуми повтори дека е потребно да се свика бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност на кој би се разговарало за сето она што досега го направиле владите на двете земји.

– Само преку конструктивен дијалог ќе можеме да продолжиме во насока на добрососедство што го сакаат двете влади, рече Петков, додавајќи дека се надева оти следниот чекор ќе биде свикување на Консултативниот совет за национална безбедност од страна на бугарскиот претседател Румен Радев, за да се разгледа се што е постигнато од досегашните средби.

Петков, претходно пред средбата, порача дека за укинување на бугарското вето за старт на преговорите на земјава со ЕУ ќе може да се говори откако Министерството за надворешни работи на Бугарија ќе ги претстави последните резултати од напредокот во дијалогот со Македонија, кои потоа ќе бидат доставени до бугарското Собрание, кое ќе расправа и ќе изнесе јасен став за тоа што треба да направи Владата во Софија.

– Сè друго ќе се користи за внатрешно-политички цели во Бугарија. Ова е национално прашање и треба да има широк консензус кој ќе ја вклучува и владејачката коалиција и опозицијата. За национално прашање како ова, кое е толку важно, никој нема право да решава сам, рече Петков, кој повторно побара бугарскиот претседателот Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија за да се разговара за преговорите со Македонија, бидејќи, како што рече, од неговото последно заседание минаа шест месеци, а оттогаш „се случија многу работи, имаше многу разговори, имаше многу различни предлози, имаше многу различни светски лидери кои го искажаа својот став на оваа тема, има многу информации од службите“.

Радев, пак, од Софија порача дека за го свика Советот прво треба го слушне ставот на Петков за Македонија.

– Консултативниот совет за национална безбедност е орган за помош во дијалогот и за барање на заедничко решение за важни национални прашања. Во однос на Република Македонија не само што има широк консензус, туку тој е силно изразен. Властите треба да се на чисто со ова. Доколку дијалогот во самата владејачка коалиција е нарушен, тоа треба јасно да се каже и да се посочат причините за тоа, рече Радев.

Според него, колку повеќе Владата на Петков се придржува до официјалната бугарска позиција изнесена во документите усвоени од Народното собрание и на последниот состанок на Консултативниот совет, толку повеќе го слуша гласот на Бугарите и во Бугарија и во Македонија.

Во врска со тоа дали има промени во позициите на европските партнери и дали има напредок во исполнувањето на Договорот за добрососедство од страна на Македонија, Радев истакна дека за овие прашања треба да чуе оценка од Петков, најавувајќи дека ќе продолжи да работи во насока на почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест во земјава.

Од Тирана, пак, шефовите на дипломатиите на Албанија и на Грција, Олта Џачка и Никос Дендијас упатија порака дека евроатланската интеграција е незаменлива ориентација за земјите од регионот.

– Албанија и Македонија ги исполнија сите услови. Надежите се уште постојат дека ќе биде донесе одлука за време на француското претседавање, рече Џачка на заедничката прес-конференција со Дендијас, изразувајќи притоа благодарност за грчката континуирана поддршка за евроинтеграцијата.