Седници на две собраниски комисии


– Во Собранието денеска седници ќе одржат Законодавно-правната и Комисија за транспорт, врски и екологија.



Комисија за транспорт, врски и екологија ќе ја одржи деветтата седница на чиј дневен ред е разгледување на повеќе извештаи и програма за работа и финансиски планови.

Комисијата ќе го разгледува Годишниот извештај за работа на Македонската радио-телевизија за 2019 година, како и финансиските планови на овој јавен радиодифузер за 2020 и 2021 година.

Покрај ова, Комисијата ќе ги разгледува и Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2021 година, извештаите за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за електронски комуникации за 2019 година, како и Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2019 година.

Законодавно-правната комисија треба да ја продолжи 38-та седница со разгледување на два предлог-закони за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, и на предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за прекршоците и на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“, во второ читање.