Се засилуваат контролите за спроведување на мерките за заштита од Ковид-19, зголемениот број новозаболени се должи на нивно непочитување, тврди Филипче


Филипче: Состојбата со болниците е стабилна, ГОБ „8 Септември“ и „Козле“ постепено се враќаат на редовно хоспитализирање - МИА

Скопје, 22 септември 2020 () – Од анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените јасно може да се заклучи дека главната причина за зголемување на бројката се должи на непочитување на мерките и тоа пред се групирање, семејни собири, прослави и свадби кои се забранети и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните. Од следните денови ќе ги засилиме и контролите за спроведување на мерките и протоколите, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.



Очигледно, посочи министерот, дека граѓаните заборавија на важноста за почитување на мерките и последиците што ги сносиме сите од нивното непочитување.

– Летото е зад нас, а со тоа и стабилниот период што досега го имавме полека завршува. Ризикот кој го носи есента е сериозен аларм дека мора и натаму да делуваме за да го заштитиме и јавното здравје, но и здравствениот систем. И повторно ќе кажам нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат критичните ризичните групи на граѓани, но и сите останати кои може да бидат жртви на вирусот, а видовме дека коронавирусот може да биде фатален буквално за секој еден од нас. Заради оваа состојба веќе започнавме, а уште повеќе од следните денови ќе ги засилиме и контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила, рече Филипче.

Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките, појасни, интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се разбере многу сериозно.

– Апсолутно е недозволиво покрај сите најави за ризиците што ги носи овој период сериозен дел од граѓаните и понатаму да не ги почитуваат и да ги прекршуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите, пред се од угостителскиот сектор да не ги почитуваат превентивните мерки, додаде Филипче.