СДСМ: Времето на криминални тендери заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција


Криминал, провизии, политички формирани компании и доделување на тендери на фирми блиски до власта беше одлика на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа време заврши со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

 

 

Денеска тендерите и јавните набавки се распишуваат по јасни услови, транспарентни критиериуми и фер пристап за сите, а се избираат компании кои ќе испорачаат најдобар квалитет по најниска цена.

ВМРО-ДПМНЕ, партијата што стана најбогата во Европа на грбот на граѓаните, нема морален кредибилитет да зборува за законско и домаќинско работење. ВМРО-ДПМНЕ ќе останат запаметени по тоа што доделуваа тендери од стотици илјади, па и милиони евра на компании блиски до партијата, кои дури не ги ни завршуваа работите за кои беа ангажирани.

Тендерот за Трансмет во вредност од 17 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола е само еден од низата примери за тоа како ВМРО-ДПМНЕ ги испумпуваше парите на граѓаните. Пресудата за овој случај, како и бројните судски процеси кои се водат против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, ќе покажат колку граѓаните се оштетени од криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да измислува скандали онаму кадешто ги нема, само за да ги прикрие штетите од нивното деструктивно однесување. На опозициската партија треба да и биде јасно дека времето на криминал и корупција заврши.

Владата предводена од СДСМ преку јасно дефинирани и транспарентни критериуми, обезбедува еднакви услови за сите, а преку спроведување на зацртаните политики, се гради фер и еднакво општество за сите.

ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА