Регулаторните тела за ревизија на С.Македонија и Грција на чекор пред потпишување Договор за партнерство и соработка



–  Претседателот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на С.Македонија Ване Цветанов и заменик -претседателот на Националниот одбор за надзор на сметководствените и ревизорски стандарди на Грција и претседател на Комитетот за контрола на квалитетот Панајотис Јанопулос на состанок во Атина ги договараа деталите околу Договорот за соработка и партнерство на регулаторните тела за ревизија на двете земји, што се очекува набргу да биде потпишан, јави дописничката на МИА од Атина.


 

Стратешкатата соработка помеѓу двете реулаторни тела ќе овозможи развој на внатрешните капацитети на Советот за унапредување и надзор на ревизијата и целосно усогласување на неговите законски надлежности и уредбата за ревизија на прваните лица од јавен интерес со европските директиви.

Цветанов и Јанопулос, за МИА рекоа дека Грција е подготвена да ѝ понуди секаква помош и техничко знаење на С. Македонија во процесот на усогласувањето на системите и законите со меѓународните и европските стандарди и регулативи, но и за да стане официјален ментор на нашата земја и да помогне за влез во Меѓународниот форум на независни ревизорски регулатори (IFIAR) и во европското тело за ревизори.

-Ние сме веќе пред потпишување на официјални договори за официјалниот регулатор од Грција, што е во делот на ревизијата, да најдеме форма и начин да стане наш официјален ментор, да ни помогне во влегувањето во меѓународните институции како што е IFIAR, исто така во европското тело за ревизори, објаснува Цветанов.

Јанопулос ја изрази целосната подготвеност на Грција да помогне, објаснувајќи  дека тие имаат веќе искуство со ваква помош и поддршка за други земји, со оглед на тоа дека веќе работеле со Грузија.

-Она што се обидува С. Македонија да го воведе се нови системи кои ќе бидат поблиску до ЕУ и меѓународните стандарди. Врз основа на ова, Ване е тука да ни ги постави сите прашања и сите пречки со кои досега се соочил и ние ќе сториме сè што можеме за да помогнеме во оваа насока, вели за МИА заменик -претседателот на Националниот одбор за надзор на сметководствените и ревизорски стандарди на Грција и претседател на Комитетот за контрола на квалитетот.

Претседателот на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на С. Македонија, дополнително, објасни дека во изминатата година биле направени промени во институцијата, со дополнителни вработувања, овозможен поголем буџет, обезбедени соодветни обуки, како и набавена хардверската техника, а Министерството за финансии веќе го изработи новиот закон за ревизија.

За таа цел, како што објасни, денеска се одржува и работилница со овластени осум до девет ревизори од државата, со експерти од Бугарија, Словенија, Хрватска, како и Јанопулос од Грција, а целта, според Цветанов е законот да биде „поприменлив за професијата, појасен и целосно усогласен со меѓународните и најголемите светски стандарди“.

-Мора да воспоставиме темел за изградба на еден сериозен систем и од следната година не чека многу многу работа на заживување на тој систем каде што ќе биде добредојдена помошта од пријателска Грција затоа што, без разлика што ќе имаме европски закон, ќе имаме институција, ако немаме квалитетно „know-how“ искуство и знаење кое ќе ни го преточува некој, ние нема да можеме најправилно да го изградиме тој систем за ревизија. Станува збор за специфичен систем каде што има премногу стручна материја и затоа идејата е во идни проекти, експерти од Грција, како држава која со векови наназад има историја во финансискиот систем, да учиме од најдобрите, вели Цветанов. ср/сст/

Фото: МИА