Реафирмирани вредностите на двата Илиндена, одбележувањето без масовни собири



Реафирмирани вредностите на двата Илиндена, одбележувањето без масовни собири - МИА

Скопје, 3 август 2020 () – Одбележувањето на големиот државен празник 2 Август – Денот на Републиката, Илинден годинава помина во услови на здравствени протоколи поради заштита од ширење на пандемијата од Ковид-19 и без традиционалните културно-умтнички програми и масовни народни собири. Од државниот врв, како и од политичките партии пораки за реафирмација на вредностите на Илинден 1903 и АСНОМ 1944.

Во Скопје, главната свеченост се одржа на скопското Кале во чест на 2 Август, каде се обрати претседателот на Владата, Оливер Спасовски.

-На денешен ден, 2 Август – Илинден, е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903 година, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста. Борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга, ниту пак на еден народ врз друг, порача премиерот Спасовски.

Тој потсети дека со Крушевскиот манифест, а потоа и со декларацијата и решенијата на АСНОМ, во борбата за слободна и праведна македонска држава се повикани сите чесни добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот.

-Во остварувањето на оваа цел, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, и сите други, остваруваа и ги делеа заеднички победите кои ни ја овозможија денешна Република Северна Македонија – држава членка на НАТО, земја на пат за членство во Европската Унија, земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешната приказна на Западен Балкан во последните три години, рече Спасовски.

Во Пелинце пред Меморијалниот центар на АСНОМ се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, од каде упати порака дека една од неговите главни политички и морални обврски е да работи на граѓанското помирување.

-Веднаш по изборот за претседател на Републиката реков дека една од моите главни политички и морални обврски ќе биде да работам на граѓанското помирување кое нам, денес, убеден сум, ни е потребно повеќе од кога било во нашата историја како независна држава, рече претседателот Пендаровски, кој изрази надеж и очекување дека таа негова заложба ќе биде поддржана и од новата Влада и од опозицијата и подвлече дека заедно со сите граѓани, независно од нивното етничко потекло и партиско убедување, ќе работи за остварување на оваа цел.

Главната битка, додаде, е да се обезбеди достоен живот за секој граѓанин во земјава.

-Да нема никој дилема, во нашата земја, сечија етничка и партиска припадноста мора да се почитува, без исклучок, меѓутоа, партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок. Нашата битка е да обезбедиме достоинствен живот за секој наш граѓанин во својата татковина, а не надвор од неа. За тоа да го постигнеме, мора да има правда и слобода за секого. Само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме достојни наследници на делото на нашите предци, порача Пендаровски.

Чествувањето на големиот државен празник 2 Август во Крушево, на Мечкин Камен, го предводеше и се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, од името на претседателот на Законодавниот дом Талат Џафери, кој поради здравствени причини не беше во можност да говори на свеченоста.

-Од минатиот 2 Август до овој 2 Август, помина само една година, меѓутоа, верувам дека и Вие го делите моето мислење дека, тоа е година која ќе ја запомниме по еден од најзначајните датуми за нашата земја. Имено, на 11-ти февруари оваа година, Собранието го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во воено политичкиот сојуз на НАТО, стратешка цел која беше поставена уште во 1993 година, веднаш по независноста на земјата, за во 1995 година да се стекнеме со кандидатски статус. Работевме напорно, сите, од сите политички провениенции, за да можеме да бидеме дел од големото семејство на НАТО сојузот, со исполнување на сите неопходни предуслови за да изградиме стабилна, безбедна, модерна и економски развиена држава, рече Мисовски на Мечкин Камен.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев и поранешен премиер во честитката до граѓаните по повод Илинден порача дека нашите славни претци од Илинденското востание и од заседанието на АСНОМ, ги поведоа граѓание кон слобода, независност и единство и ги поставија темелите на современата, независна и суверена македонска држава, признаена од целиот свет. Илинден е, вели, и голем светилник што го покажува правецот  кон сигурна иднина, Илинден е победа за сите кои движат напред.

-Денес живееме во држава втемелена на Крушевскиот манифест и Манифестот на АСНОМ. Идеите и вредностите запишани во овие безвременски документи од нашата историја денеска се наша реалност, истакнува лидерот на СДСМ. Како одговорни граѓани, продолжуваме да се водиме од ликот и делата на Илинденците и учесниците во Народно-ослободителната борба и со чест и обврска ги реализираме нивните идеали. Заедно со вас, почитувани граѓани, продолжуваме да ја градиме Северна Македонија како слободна, демократска и заедничка држава, земја пријател на регионот и светот. Горди на славното минато, уште порешително чекориме кон светлата иднина-Северна Македонија почитувана држава, полноправна членка на НАТО и преговарач со ЕУ, вели Заев во честитката.

Претседталот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, оценува дека станавме општество на лажни величини кои се воздигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се трули, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме, вели, се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни.

– Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите. Поентата е таа дека државата сериозно скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите сме исти. А не сме. Вистински не сме, затоа што тие што се исти последниве недели ги видовме на купче собрани. А денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО, рече меѓу другото претседателот на ВМРО – ДПМНЕ во обраќањето по повод Илинден во Ташмаруништа Струшко.

За лидерот на ДУИ Али Ахмети, Крушевскиот манифест од 1903 година е обединувачка дефиниција за заедничка држава исто колку и Охридскиот договор во 2001 година.

-Наметнатите предрасуди сè уште постојат и денес, и претставува обврска за сите нас да работиме кон нивно отстранување со презентирање и прифаќање на неискривената вистина за сите тековни и историски процеси на нашата заедничка мултиетничка и мултикултурна земја, напиша Ахмети на Фејсбук.

Во рамки на церемонијата на свеченото одбележување на државниот празник 2 Август, на спомен обележјата во сите три града, покрај официјалните делегации на претседателот на државата, на Собранието, на Владата, на Армијата и на Сојузот на борците, венци положија и претставниците на дипломатскиот кор, на политичките партии и на други општествено-политички организации.

 


Вести

Протест за декриминализација на марихуаната пред Основниот кривичен суд во Скопје

Протест за декриминализација на марихуаната и поддршка на активистот Филип Достовски се одржа денеска пред зградата на Основниот кривичен суд во Скопје. Претседателот на здружението Зелена национална агенда за Македонија – ЗНАМ Огнен Узуновски, рече […]

Седум нови случаи со Ковид-19 во Пијанец и Малешевијата - МИА
Вести

Нови 152 случаи на Ковид 19, починале две лица

Во последните 24 часа се направени 1630 тестирања, а регистрирани се 152 нови случаи на Ковид-19, починале две лица, додека оздравени се 126 пацинети, соопшти денеска Министерството за здравство. Од новите случаи најмногу има во: […]

Вести

МОН со последни подготовки пред стартот на учебната година, за СОНК има недостиг на технички средства

– Анализите направени од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) покажуваат дека голем дел од училиштата немаат обезбедено технички средства за следење на онлајн настава, но од Министерството за образование и наука уверуваат дека […]

Биди првиот кој ќе коментира

Вашиот коментар

Твојата е-маил адреса нема да биде објавена.


*