Претседателот Пендаровски во работна посета на Република Бугарија


 Претседателот на државата Стево Пендаровски, на покана на претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, утре во Софија ќе присуствува на церемонијата по повод почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.

 

 

На церемонијата, што ќе се одржи во Националната палата на културата во Софија, ќе присуствуваат и Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската Комисија, Илхам Алијев, претседател на Република Азербејџан, Киријакос Мицотакис, премиер на Хеленската Република, Николае-Ионел Чука, премиер на Романија и Александар Вучиќ, претседател на Република Србија.

Како што соопштија од Кабинетот на шефот на државата, предвидено е претседателот Пендаровски да одржи средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Гасниот интерконектор Грција – Бугарија (проект IGB) ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа во близина на градот Стара Загора. Имплементацијата на проектот има за цел да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.

Во рамки на посетата на Република Бугарија, како што е најавено, претседателот Пендаровски на автопатот „Струма“ ќе положи цвеќе на местото на автобуската несреќа, во која на 23 ноември 2021 година, загинаа 45 македонски граѓани.