Претседателот Пендаровски ќе се сретне со Вселенскиот патријарх Вартоломеј


 Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на работната посета на Република Турција, денеска во Истанбул ќе се сретне со Неговата Сесветост Вартоломеј, Архиепископ Цариградски – Нов Рим и Вселенски Патријарх, соопшти Кабинетот на претседателот.


 

Пендаровски вчера учествуваше на Анталија дипломатскиот форум, што се одржа на тема „Иновативна дипломатија: нова ера, нови пристапи“, на кој се обрати на лидерскиот панел на тема „Како да ја зајакнеме регионалната солидарност во поглед на научените лекции“.

Тој завчера се обрати на Самитот на шефови на држави и влади на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што во рамките на турското претседавање се одржа во Анталија. На маргините на Самитот, претседателот Пендаровски се сретна со високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, како и со неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган.