Потребна е едукација на жените од руралните средини за нивен економски и социјален развој


– Потребно е зголемување на соработката за активно промовирање на позитивни примери на родова рамноправност, посебно во делот на рушење на традиционалните норми и еднаков пристап на мажите и жените за сопственост на земјоделско земјиште и имот, воспоставување на механизми за едукација и информираност на жените од руралните средини за нивен економски и социјален развој.  Ова беше потенцирано на денешната oнлајн конференција „Пристап на жените од руралните средини до правото на имот“, организирана од Националната федерација на фармери.


 

Конференцијата е дел од активностите на регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ поддржана од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на проектот „Поддршка на диверзификацијата на економските активности во рурални подрачја на Југоисточна Европа“ и Отворениот Регионален Фонд на ГИЗ за Југоисточна Европа – Правни Реформи.

На конференцијата, како што соопшти Националната федерација на фармери, се потенцира дека во моментов 27,81 отсто од имотите во државата се во сопственост на жени, додека 72,19 отсто во сопственост на мажи. Во руралните области, ситуацијата е полоша, каде што само 5 отсто од жените се носители на сопственички права, обично откако ќе станат вдовици. Се смета дека жената ќе го „однесе“ имотот што го наследила во друга куќа кога ќе се омажи и средствата нема да останат во семејството. Традицијата налага дури и ако на жената ѝ се понуди дел од имотот, таа да го одбие.

-Треба сериозно да се сфати ова прашање и од страна на руралното население, но и од страна на институциите доколку сакаме да се избориме за почитување и гарантирање на едно од основните човекови права, а тоа е правото на сопственост, кое е еднакво и за мажите и за жените. Од друга страна апелирам дека ние руралните жени мора да се бориме заедно против традиционалните норми што го попречуваат нашиот развој. Треба да инсистираме нашите ќерки да добиваат имот исто како и нашите синови. Ние сме тие што треба да ги научиме нашите деца дека имотот треба да се распределува еднакво, потенцира Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери.

Бенџамин Мор, тим лидер на регионалниот проект на ГИЗ за поддршка на економската диверзификација на руралните средини во Југоисточна Европа (СЕДРА) истакна дека економското зајакнување на жените е од суштинско значење за промовирање на еднаквоста меѓу жените и мажите и предуслов за одржлив развој.

Заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин потенцирa дека се работи на новата стратегија за родова еднаквост во која, како што се наведува, една од приоритетите е подобрување на положбата на жените во руралните средини.

Гоце Георгиевски, раководител на Сектор за рурален развој во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нагласи дека новата Стратегија за земјоделство и рурален развој е насочена кон воведување на дигитализација во земјоделството и ефикасни советудавни услуги. МЗШВ, како што рече, ја почитува потпишаната Декларацијата за подобрување на социјална и економска положба на жените од руралните средини и работи на остранување на стереотипните сфаќања дека земјоделството е машка професија.

Вероника Ефремова, проектен менаџер на Отворениот регионален фонд на ГИЗ за правни реформи, потенцираше дека како резултат на недоуредена правна рамка, постоење на дискриминирачки обичајни правила, слаба примена на правата на сопственост под влијание на традицијата и религијата и недостаток на свест и информираност на жените за нивните права на сопственост на имот е неопходно економско зајакнување на жените во насока на зголемување на процентот на жени сопственички или косопственички на имот во земјава.

Според Ирена Џимревска, советник во проектот на ГИЗ СЕДРА регионалната кампања „Зајакнати жени, зајакната економија“ има цел „да ја подигне свеста на жените во руралните области за законските права на сопственост, како и да го промовира женското претприемништво како предуслов за економско зајакнување на руралните жени. Таа истакна дека улогата на невладините организации кои работат во областа на земјоделството и руралниот развој и позитивните примери од терен имаат големо значење во процесот на подигање на свеста.