Последни денови за промовирање на идните проекти на кандидaтите на локалните избори



– Следуваат последните три дена од изборната кампања за Локалните избори 2021. Кандидатите за градоначалници и за советници интензивно ги објавуваат своите проекти и ветувања пред гласачите. Реториката се заострува, а не изостануваат и напади и шеги на сметка на некои од нив на социјалните мрежи.


 

Синоќа пред скопјани своите кандидати ги претставија опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржува Данела Арсовска, Левица, која за неделните избори ги поддржува исто така независниот кандидат Петар Георгиевски-Камиказа и Беса, која беше во скопски Чаир и која го поддржува Петре Шилегов, кандидатот на СДСМ. СДСМ беше во Крива Паланка каде нивен кандидат за градоначалник е Сашко Митовски, ДУИ во Струга каде за повторен мандат се бори Рамиз Мерко…

Од митингот во Крива Паланка лидерот на СДСМ Зоран Заев порача дека коалицијата што ја предводи неговата партија ќе победи на локалните
избори во недела и оти ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на оваа партија Христијан Мицкоски ќе загубат по седми пат.
И додека ние носиме историски инвестиции, додека позитивно ја трансформираме секоја општина, додека обезбедуваме повеќе пари кај
граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, рече Заев, се прашуваат дали е ова нормално.

-Нормално е брат. Нормално, го има секој ден. Германската амбасадорка беше овде да потврди, договорот е постигнат и ова е нормално. И 300
отсто социјална помош што поделивме е нормално. И покачени плани за 6.300 денари во просек во државата е нормално. И покачени плати за 35
проценти на здравствениот персонал е нормално. Нормално е наше секојдневие покачените плати и на учителите и наставниците. Нормално е
во државата да се покачуваат платите и на вработените во центрите за социјална работа, во негователните и воспитачите во детските градинки,
вработените во културата, во Армијата, во полицијата. Нормално е да поделите 10 милиони евра ваучери на спортските клубови. Нормално е да
реализирате и да ги поддржите општините со преку 550 милиони евра проекти затоа што е нормално да инвестирате во својот народ, да
инвестирате во инфраструктурата, рече Заев.

Нормално е да се донесат сите храбри одлуки кога, како што вели, не калкулирате со својата политичка кариера.

-Нормално е заради тоа што знаете дека политичарите доаѓаат и си одат, но важен е народот, важна е државата, важна е општината, важни ни се
младите, децата. Нормално е секаде во светот така се прави, се носи храбри одлуки, да се штити тоа што важно за нацијата. Се носи комплетно
пријателство за да носите инвестиции овде, истакна Заев.
На Мицкоски, смета тој, му е совршено јасно дека со својот реден број 7 ќе загуби по седми пат, а уште сега си бара веќе алиби.

-Ништо не призна, ништо не испочитува. Почна да глуми баба Ванѓа па без никакво покритие не се согласува ни со КОВИД-мерките, ни со судски
одлуки, ни со експертските извештаи, ни со валидноста на пописот, а еве го уште сега вели дека на изборите в недела ќе имало поткуп, ќе имало
закани и притисоци и што ли уште не. Денеска и од Белиот дворец се обидоа преку конструкции да најдат алиби за поразот во Битола, рече Заев.
Лидерот на СДСМ рече дека само во едно се согласува со Мицкоски, а тоа е кога вели не сме сите исти.

-Е не сме. Ние организираме фер, слободни и демократски избори, а ВМРО-ДПМНЕ 11 години поткупуваше, заплашуваше гласачи, рече Заев.

Според лидерот на ДУИ Али Ахмети, новиот мандат на Рамиз Мерко за градоначалник на Струга значи систематизација и регулирање на целиот отпад, реализирање на секундарната мрежа на гасоводот од Кичево до Струга, решавање на проблемот со отпадните води.

Барајќи ја довербата на стружани за кандидатот на ДУИ за претстојните локални избори на 17 октомври, тој нагласи дека Мерко има направено
многу за Струга, но, како што рече, има уште многу работа да завршиме.

– Проектите во овој мандат се толку големи. Треба да заврши целото поглавје со отпадните води и регулирање на целиот отпад, на национално
ниво. Овој мандат е дел од поглавјето што ја регулира животната средина и се совпаѓа со нашата Зелената агенда за почиста средина и поквалитетен
живот. Токму, ова е мандатот кога ќе го реализираме Коридорот 8, кој е сон на Албанците, што ги поврзува Скопје-Драч-Приштина, рече Ахмети.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Централниот митинг во главниот град ги повика членовите и симпатизерите на партијата, но и
како што кажа тивкото мнозинство граѓани, разочараните, оние кои бојкотираат избори, оние кои досега не гласале, припадниците на сите етнички заедници во недела, на 17 октомври, на локалните избори да ги поддржат кандидатите на коалицијата во општините и независната кандидатка за Град Скопје Данела Арсовска.

-Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт.

Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 52 месеци по ред, рече Мицкоски.

Се обрати, како што кажа, до народот на Македонија, до Македонците, до Албанците, до Турците, до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците,
до мажите и жените, посочувајќи дека од нив зависи дали „ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи,
поделби и апатија“.

Според него, најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.Тоа, истакна Мицкоски, се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите.

-Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца, рече лидерот на опозициската партија.

Ги повика разочараните, оние кои си бараат причина да не ја поддржат ВМРО-ДПМНЕ, но и кои сигурно имаат оправдана причина да бидат
незадоволни, потенцирајќи дека е време овој пат да ги остават сите нивни разлики и да излезат на гласање бидејќи секој глас е потребен. Мицкоски
побара поддршка и од оние кои планираат својот глас да го дадат за условно речено помалите партии бидејќи така само се разделува опозицијата.

Побара да излезат и да гласаат оние кои во минатото бојкотираа, оние кои не планираа досега да гласаат за ниту една партија посочувајќи дека не треба да дозволат да пропадне нивниот глас. Ја побара поддршката исто така и од оние кои, како што рече, традиционално гласале за СДСМ, но си ја сакаат Македонија и Македонија и длабоко во себе знаат дека со Заев нема иднина. Мицкоски побара поддршка и ги повикува да излезат да гласаат оние на кои, како што кажа, црвената и црната боја им се во срцата.

-Знаат дека гласот за Заев е глас и за срамот кој ѝ го носи на Македонија, и глас за криминалците околу него, сеедно дали е батето или некој друг од
тоа опкружување. Таа партија сега им припаѓа на триесет до четириесет луѓе кои ги ползуваат придобивките од власта и неколкумина климачи околу нив. Затоа не гласајте за Заев и казнете ги политиките кои ни носат порази и ни ја одземаат колективната иднина, рече Мицкоски.

На централниот митинг претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара поддршка за независната кандидатка за градоначалник на Скопје Данела Арсовска,
како и за советничката листа на коалицијата предводена од опозициската партија предводена од проф. Трајко Славески.

Алијанса на Албанците и Алтернатива синоќа одржаа митинг во Струга.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши рече дека на 17 октомври треба да се испрати порака до ДУИ дека претерале, го изнудиле и уценувале
народот, ги оставиле општините неразвиени, го деградирале образованието и културата, ги истерале младите во странство и оти тоа е последна можност да се казнат со глас.

На митингот на кој беше промовиран кандидатот за градоначалник од Алијанса на Албанците и Алтернатива, Идри Истрефи и советничката листа
од коалицијата, чиј носител е Нијази Џумкар, Гаши посочи дека од Струга се гледа чиста победа, забележувајќи дека потребни се промени во
општеството.

– Оние од ДУИ, кога секој изборен циклус завршува со манипулирање на изборите, тогаш се гордеат и им се обраќаат на сите граѓани дека народот
ги сака и затоа се тука. Мислам дека на 17 октомври треба да им испратиме порака дека претерале и да ги казникме со глас. Гласот против нив е порака дека тие мораат да се сменат, да се реформираат и дека ова е една од демократските вредности на ротацијата на власта, рече Гаши.

Лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, очекува победа уште во првиот изборен круг, забележувајќи дека политичките противници излегле
од контрола. Тој нагласи дека на овие избори се гласа за личност и оти Истрефи е вистинскиот избор за стружани, чист и поштен човек, ценет
меѓу сограѓаните.

Во рамки на подготовките за локалните избори, Државната изборна комисија (ДИК) вчера на седница објави дека се почнати дополнителните
обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори за користење на апаратите за отпечаток од прст, кои ќе управуваат со овие уреди.

Почната е и дистрибуцијата на недоверливиот избирачки материјал до сите општински изборни комисии, додека доверливиот избирачки материјал, каде спаѓаат гласачките ливчиња и избирачките списоци, кои се комплетно завршени, ДИК со обезбедување од полицијата в четврток ќе го достави до сите општински изборни комисии. Во петок, исто така со придружба и обезбедување на полицијата, ДИК ќе ги достави сите уреди за биометриска идентификација во општинските изборни комисии, кои и таму ќе бидат соодветно обезбедни од полицијата. Уредите за биометриска идентификација на гласачите се комплетно подготвени и наполнети со отпечатоците од прсти на гласачите од избирачкиот список, добиени од страна на МВР. Вчера беа избрани и претседател и членови за вторите посебни избирачки одбори во општините каде има пријавено поголем број на заразени од КОВИД-19 или лица во самоизолација, во Велес, општина Гази Баба, Карпош, Крива Паланка, Кратово и Куманово.

Локалните избори ќе се одржат во недела на 17 октомври. Гласањето за изборите почнува во сабота, а први ќе гласаат пријавените болни и немоќни, лицата со Ковид-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови…

Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на
изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на Ковид-19.