По Берлин, Османи ја продолжува дипломатската турнеја во Копенхаген и Стокхолм


– По вчерашните средби во Берлин, на кои Северна Македонија доби недвосмислена поддршка од Германија за пристапување во ЕУ, шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.


 

Дипломатската турнеја на Османи продолжува со работната посета на Стокхолм, в среда, каде ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.

Во Стокхолм е предвидено Османи да го посети и шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со потпретседателките Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот Стефан Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.

Османи вчера на средба со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, доби директна поддршка за отворање на првата меѓувладина конференција што е можно поскоро.

Мас истакна дека Северна Македонија одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и оти од интерес е и на Унијата да што е можно побрзо да се отвори пристапната конференција.

Османи вчера во Берлин се сретна и со државниот министер за Европа во германското МНР Михаел Рот, на која, ја потенцирал важноста од имплементација на одлуката на советот на ЕУ од март минатата година, како важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот, особено кредибилитетот на процесот на проширување.

На средбата со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на канцеларката Меркел, фокусот повторно беше ставен на реафирмација на германската поддршка за нашите европски перспективи, но беа отворени прашања и за други форми на соработка со цел развој на севкупните односи меѓу двете земји. Агендата на Османи во Берлин содржеше средби со повеќе значајни соговорници и во таа насока министерот се сретна со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики и Сузане Шуц, директорка за Југоисточна Европа, Турција и државите на ЕФТА, во МНР на Германија.

Дипломатската турнеја на Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Северна Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе биде европското досие на земјава, и обезбедување поддршка со јасна цел имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година, преку усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција.