Пендаровски се сретна со организаторите на Струшките вечери на поезијата и поетесата Ива Дамјановски 



Пендаровски се сретна со организаторите на Струшките вечери на поезијата и поетесата Ива Дамјановски  - МИА

Скопје, 2 септември 2020 () –  Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со директорот на фестивалот Струшки вечери на поезијата Тодорче Тасевски и претседателката на жирито за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“,  Ангелина Бановиќ, а на средбата присуствуваше и младата поетеса Ива Дамјановска којашто за својата стихозбирка „Двоумење“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2020 година. 


 

На средбата, Тасевски го информираше Пендаровски за настаните што се одржаа во рамки на 59-тото издание на Струшките вечери на поезијата, коешто поради пандемијата на Ковид-19 годинава имаше скратена и изменета програма.

Тасевски посочи дека на фестивалот присуствуваа само домашни поети, додека гостите од странство беа вклучени преку видео читања.

-Следејќи ги безбедносните протоколи и покрај редуцираната програма, и оваа година Струшките вечери на позијата ги задржаа своите најзначајни поетски содржини, додаде директорот на фестивалот Тасевски.

Пендаровски им честита за напорите да не биде прекината шестдецениската традиција на Струшките вечери на поезијата и додаде дека културата и уметноста се повеќе од неопходни во кризни времиња, како што е пандемијата на новиот коронавирус.

 -Во изминативе неколку месеци сите сме соочени со невообичаена ситуација. Најголем дел од настаните или се одложија или не се одржаа воопшто. Затоа драго ми е што еден ваков меѓународно познат и признат поетски фестивал успеа да го задржи своето ниво на квалитет , заклучи на средбата претседателот Пендаровски.