Отворена Лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“


– Отворена е Лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, дел од проектот НИКС на Воената академија и Центарот за управување со кризи во соработка со НАТО – Програмата наука за мир и безбедност, чија цел е дигитализација на системот за управување со кризи и брза размена на податоци и информации за одредена кризна состојба.



На отворањето се обрати в.д. директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој рече дека една од најсовремените мерки што се развиваат во полето на кризниот менаџмент во земјава е имплементацијата и примената на веб-базираната комуникациска платформа „Следна генерација на Систем за командување и управување со инцидетни“ (Next-Generation Incident Command System – NICS).

– NICS платформата служи за просторно прикажување на податоци со цел справување со настаните и појавите во реално време, притоа овозможувајќи брза и ефикасна комуникација и координација помеѓу субјектите на Ситемот за управување со кризи при донесувањето на одлуките за ефикасно справување, а истовремено целосно и вистинито информирање на медиумите и граѓаните во насока на подигање на свесноста и разбирањето на ризиците, појасни Ангелов.

Целосната имплементација на NICS, како што соопшти, ќе се реализира до крајот на 2021 година, со што, како што посочи, државата ќе има на располагање функционален дигитален систем за управување со кризи од најнова генерација.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска нагласи дека овој софтвер им дава дополнителна поддршка на сите инситуции кои се обврзани да соработуваат и им дава шанса да бидат побрзи и поефикасни и во коронакризата и во сите други природни непогоди.

– Со овој НИКС систем кој е резултат на нашето учеството во програмата на НАТО „Наука за мир“ и напорите на воената академија , на ЦУК и на Линколн лабараторијата мислам дека се покажува дека вложуваме во напредни технологии кои ќе бидат основа на нашето функционирање, рече Шекеринска.

НАТО членството и настаните поврзани со коронакризата, истакна, ни покажаа дека Алијансата навистина верува во сојузништво и дека принципот сите за еден – еден за сите, не е само збор, туку е акција.