Османидо Жбогар: Сите административни капацитети во функција на реформите за членство во ЕУ


Османидо Жбогар: Сите административни капацитети во функција на реформите за членство во ЕУ - МИА

Османи со благодарница до Жбогар за неуморниот ангажман и личниот влог во придвижувањето на ЕУ досието


 

Скопје, 11 септември 2020 () –  Плакета-благодарница за неуморниот ангажман и личниот влог на евроамбасадорот Жбогар во придвижувањето на ЕУ досието на Северна Македонија напред, што беше крунисано оваа година со донесување на одлуката за почеток на преговорите и очекуваното одржување на Првата меѓувладина конференција до крајот на годината, со која ќе се одбележи конкретниот почеток на преговарачкиот процес, му врачи денеска mинистерот за надворешни работи Бујар Османи на проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија Амбасадорот Самуел Жбогар.

Османи, како што информираат од неговиот кабинет, нагласил дека сите административни капацитети се ставени во функција на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и изразил надеж дека во Европската унија ќе продолжиме да имаме искрен и посветен партнер за исполнување на критериумите за членство.

– Имавме историски успеси изминативе три години за нашите европски интеграции. Во нашата колективна меморија ќе останете запаметени како искрен пријател и посветен поддржувач на земјава при нејзиниот напредок на ЕУ интегративниот пат, изјавил Османи, посочувајќи дека Република Северна Македонија посветено продолжува напред и со нетрпение очекува да започне да работи на конкретните ЕУ преговарачки досиеја.

Османи и Жбогар, се вели во соопштението, изразиле согласност дека политиката на ЕУ за проширувањето и можноста низ процес на усогласување да се прифатат ЕУ стандардите е од исклучителна важност за земјите од регионот на Западен Балкан, како и дека Република Северна Македонија во изминатиот период се покажа како доследен партнер и во иднина може да даде свој достоен позитивен придонес во политиките и функционирањето на ЕУ.