Османи: Комисијата за заразни болести се уште проценува дали треба да укине забраната за јавниот превоз во тетовскиот регион



Османи: Комисијата за заразни болести се уште проценува дали треба да укине забраната за јавниот превоз во тетовскиот регион - МИА

Тетово, 2 јуни 2020 () – Комисијата за заразни болести се уште проценува дали треба да укине забраната за јавниот превоз во тетовскиот регион, истакна денеска главниот координатор на кризните штабови на општините и вицепремиер за европски прашања Бујар Османи денес од тетовско Теарце.


 

Според него, позитивна одлука е можна за неколку дена, а во таков случај луѓето мора да имаат лична заштита.

-Имаше барање од локалниот кризен штаб во Тетово за отворање на јавниот транспорт. Тоа барање го пренесов јас како координатор до главниот кризен штаб. Комисијата за заразни болести констатираше дека и требаат уште неколку дена за да го види трендот на бројките во Тетово, па после да ја донесе одлуката. Ќе чекаме уште некој ден и ќе видиме кој е трендот и верувам дека Комисијата ќе донесе мерка за олеснување на на превозот, рече Османи.

И во случај на овозможување на јавниот превоз, Османи го потенцираше значењето од придржувањето на мерките за лична заштита.

-Нема посилна мерка од личната свест. Ниту еден политичар не треба да се спротивстави на одлуките на Комисијата за заразни болести. Тие се експерти, тие знаат што е најдобро за да се спречи болеста, но се разбира ќе се обидам да аргументирам дека во оваа втора фаза личната работа со луѓето и психолошката поддршка и охрабрувањето и борбата со лажни вести, давањето на точни информации на луѓето е многу посилна од колку било казни. Не може нити еден полицаец да влезе во домовите и да проверува колку луѓе се собираат и дали ставаат маски и слично, рече Османи.

Тој потсети дека мерките се неопходни за сите, бидејќи не е точно дека само стари луѓе умираат, туку дека тоа се случува и со деца и со млади. ас/